Новата заменичка претседателка на СДСМ, Сања Лукаревска, изјави дека за неа како личност не е товар, туку предизвик да ја замени досегашната заменичка претседателка Радмила Шекеринска.
При гостувањето на телевизија „24″, Лукаревска изјави дека Шекеринска е идол за многу жени во политиката и политичка фигура која остави белег во општеството.
Верувам и знам дека на многу млади жени кои тогаш почнуваа во политиката, таа им беше идол и веројатно размислувале и сакале да го стигнат тоа нејзино ниво. Радмила Шекеринска е една политичка фигура која остави и ќе остави белег во плурализмот и во општеството – изјави Лукаревска.
За заминувањето на Шекеринска од функцијата заменик-претседател на СДСМ, Лукаревска вели дека разбрала од медиумите, додавајќи дека го почитува секој став на партиските колеги.
Шекеринска не си оди, таа останува во СДСМ и има уште многу да понуди, а ние уште многу да учиме од нејзиното искуство – изјави Лукаревска.
Таа не се согласува со коментарите дека во СДСМ останале само послушниците. Вели дека тоа се несоодветни коментари и комплетно погрешна перцепција која ќе се обиде да ја смени.
Секојпат ќе се борам да има дебата, повеќе различни мислења. Верувам и знам дека секојпат во партијата се почитувало туѓото мислење и никојпат не му било земено за зло на ниеден човек кој има кажано спротивно мислење од мислењето на лидерот. Цврсто ќе се борам да докажаме и покажеме дека не постои едноумие, туку баш таа разноликост на мислења и ставови ќе напредува понатаму – нагласи Лукаревска.
Во однос на смените на досегашните потпретседатели на партијата Коста Петров и Мухамед Зеќири, Лукаревска вели дека тие не се сменети затоа што направиле нешто лошо, туку веројатно затоа што треба да им се даде шанса на нови луѓе.
Секој со своето знаење и умеење ќе биде вклучен во соодветните структури на партијата. Буквално никој не е заборавен, ниту пак од некој ќе треба да се откажеме – порача Лукаревска.
Таа негира дека во партијата има фракции.
Лукаревска беше избрана за наследничка на Шекеринска на последниот конгрес на партијата што се одржа минатиот викенд. Претходно, Шекеринска најави дека се повлекува од функцијата заменик-претседател на партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.