Ова се први избори на кои граѓаните гласаат со отпечаток на прст, а втори по ред одржани во време на ковид-19
Граѓаните денеска гласаат на локалните избори на кои се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Град Скопје. Гласањето започнува во седум часот, а ќе заврши во 19 часот, кога почнува броењето на гласовите.
Се гласа на 3 480 гласачки места, на кои според Избирачкиот список 1 824 864 граѓани ќе може да си го остварат своето право на глас. Граѓаните ќе бираат меѓу 299 кандидати за градоначалник и 572 кандидатски листи за членови на општинските совети.
Според Изборниот законик, градоначалник може да се избере во прв круг од гласањето доколу добие мнозинство од гласовите на избирачите кои излегле да гласаат, но услов е излезноста да биде најмалку една третина од вкупниот број запишани избирачи за соодветната општина.
Ако на изборите гласаат една третина од гласачите, но никој од кандидатите нема мнозинство од гласовите, тогаш во рок од 14 дена се одржува вториот круг. Во вториот круг одат само двајцата кандидати кои имале најмногу гласови во првиот, а победува оној кој добил поголем број гласови.
Изборот на советници, пак, се затвора во првиот круг. Колку советници од секоја од поднесените листи ќе влезат во новите совети на општините и на Градот Скопје се пресметува по Донтовата формула.
За прв пат на овие локални избори се гласа со биометриската идентификација на гласачите, односно читачи на отпечатоци.
Првиот човек на Дравната изборна комисија, Александар Даштевски вчера рече дека се е подготвено за денешното гласање и дека таму каде ќе има проблем со апаратот за читање на отпечатоци од прст ќе се испратат ИТ стручњаци. Претходно, тој во неколку наврати рече дека не може да каже однапред како ќе функционира новиот систем, затоа што немало пилот-примена за да се испроба пред да биде ставен во употреба.
За потребите на 3 480 избирачки одбори ДИК од германската компанија „Дермалог“ набави 4 000 терминали за гласање.
По еден уред за биометриска идентификација ќе има на секое избирачко место, а пред почетокот на гласањето избирачкиот одбор ќе го активира уредот со паметна картичка и ќе го исклучи вечерта, откако ќе помине времето за гласање.
Новиот систем на гласање не важи за болните, изнемоштените, затворениците или лицата со ковид-19 и оние во изолација, кои правото на глас го искористија вчера, кога гласале 10 653 граѓани.
На денешното гласање на локалните избори, како и во вториот круг на 31 октомври, ќе се применуваат истите мерки за превенција од ковид-19 како на ланските парламентарни избори, кои беа први што се спроведоа според ковид-протоколи.
Заштитните мерки против ковид-19 како дезинфекција на раце, носење заштитна маска и одржувањето дистанца се задолжителни и за гласачите и за членовите на општинските изборни одбори.
Во однос на употребата на отпечаток од прст, пак, гласачите треба да го дезинфицираат прстот пред да го стават во уредот за отпечатоци. а уредот нема да се дезинфицира од технички аспекти.
Како друга мерка за спречување на ширењето на ковид-19 е и дезинфекција на просториите каде што ќе се гласа. По завршувањето на гласањето, училишните простории ќе треба да бидат дезинфицирани од општините за да може безбедно да продолжи образовниот процес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.