Почитувани сограѓани, почитувани жители на Општина Кичево.

Минативе две недели со многумина од Вас се запознавме лично. Преку нашите теренски посети бевме примени во многу домови. Сепак, времето кое е дозволено за предизборна кампања, и обврските кои ги носи истата, не дозволуваат лично и подобро да се запознаеме со сите граѓани на нашата Општина Кичево. Верувам дека многумина од Вас ме знаат и од претходно, многумина слушнале за мене, но има и многумина кои само начуле нешто.
Свесен сум дека кога се работи за политика, некои од нас може да помислат дека човек сака да стигне до политичка функција поради лукративни причини, а некои сигурно се прашуваат што му требаше да се нафаќа на вакво нешто во ваква ситуација.

Поради тоа, би сакал да ги објаснам моите мотиви да се кандидирам за Градоначалник на Општина Кичево преку една кратка биографска приказна за моето семејство.

Мојот покоен татко Живко е роден Битолчанец. Потекнува од печалбарско семејство. Уште како млад останал сам во Македонија бидејќи целото негово семејство, родители, брат и сестри се иселиле во Австралија. Неговиот план бил да заврши Медицински факултет, а после дипломирањето и самиот да замине за Австралија.

Тој план не му се остварил поради едноставна причина. Љубов. Додека студирал, на Медицинскиот факултет се запознал со мајка ми Драгица. Најпрво биле колеги и добри пријатели, а подоцна пријателството прераснало во љубов. После завршувањето на Медицинскиот факултет, татко ми решава да остане во Македонија, се жени, а во 1976 год. доаѓа да живее во Кичево, родниот град на мајка ми. Истата година, како резултат на таа љубов сум роден јас 🙂 , а три години подоцна и мојот брат Златко кој денес работи како лекар интернист во Градската општа болница „8-ми септември“ во Скопје.

Од 1976 до 1979 татко ми работел како лекар во с. Зајас, а ги покривал и околните села. Од 1979-та работи како општ лекар, а подоцна како педијатар во Градската болница во Кичево, а мајка ми специјализира трансфузиологија, и како прв трансфузиолог во градот го основа Одделот за трансфузиологија во Градската болница во Кичево, кој денес го носи нејзиното име.

Верувам дека голем дел од постарите жители на нашиот град со ќеф се потсетуваат на овој период, бидејќи е време на убав живот и подем на нашиот град, време на дружби и игранки.

Во 80-тите и 90-тите години нашите родители, некогаш сами, а некогаш заедно со мене и брат ми, повеќе пати престојуваат во Австралија. Дедо ми ни нуди да ни купи куќа, да останеме да живееме таму. Во овој период татко ми, исто така, добива неколку понуди да се иселиме од Кичево, како што се специјализација по ургентна медицина и работно место во Битола, а во 1991 при неговиот осум месечен престој во Австралија и понуда да работи во најголемата детска клиника на јужната хемисфера, во Мелбурн. Но љубовта повторно преовладува, а моите родители решаваат да останеме во Кичево.

Во 1995 год. мајка ми заболе од рак и почина, а татко ми остана самохран родител кој се грижеше за мене и мојот брат се додека не не извади на вистински пат.

За време на приватизацијата на здравството, татко ми основа приватна здравствена установа која го носи името “Драга Медика” по мојата покојна мајка.
Во 2006-та година јас се вработив како Професор по медицински предмети во ОСУ “Мирко Милески” – Кичево, а во 2010 год. запишав специјализација по интерна медицина. Додека работев како професор ја запознав мојата најголема љубов и сегашна сопруга – Линдита.

Во почетокот нашата љубов беше табу тема, бидејќи се работеше за љубов помеѓу Македонец и Албанка. Сепак со помош на нашата решителност успеавме да ги надминеме сите пречки и предрасуди, а љубовта да ја крунисаме со брак од кој се родија нашите три прекрасни дечиња – Јана, Живко и Дафина. Со тоа на многумина им докажавме дека во животот може да се направи и она за кое мислат дека е невозможно.

Поради предвременото пензионирање на татко ми, и поради тоа што не сакав да згасне ПЗУ која го носи името на мајка ми, бев принуден да ја прекинам специјализацијата и да ја основам ПЗУ „Драга Медика Плус” во која работам веќе 9 години како матичен лекар.

Пред неколку месеци повторно добив понуда за специјализација, но се откажав поради кампањата и поради нашиот град.

Се надевам дека во нашата семејна приказна се назираат мотивите кои ме натераа да се кандидирам за Градоначалник на нашиот град и на Општина Кичево. Да, тоа е љубовта, не само кон нашите блиски туку и кон нашето родно место и нашето огниште. Да, токму онаа, која иако понекогаш затскриена, ја чувствуваме сите ние.

И јас како доктор, и мојата сопруга која е Професор по Англиски јазик, сме имале прилики да се иселиме и да најдеме подобри и поплатени работни места, но воспитанието и љубовта кон овој град, која сме ја стекнале од нашите родители, не натерала семејниот и професионалниот живот да го продолжиме во Кичево.

Кичево можело, а јас верувам дека се уште може, да ги натера луѓето да останат овде и целиот свој живот да придонесуваат за развојот на нашиот град и нашата општина. Јас верувам дека заеднички може да направиме Кичево повторно да стане привлечно место, и место каде може да се живее пристоен живот, а со тоа да направиме подобра иднина за нашите дечиња и за нашите идни поколенија. Јас верувам дека заеднички можеме да го спречиме иселувањето на младите луѓе, па дури и да ги вратиме оние кои веќе се иселиле.

Нека и нашите деца имаат убави сеќавања на нашето Кичево, сеќавања какви што имаме ние повозрасните и нашите родители.

На крај би сакал уште еднаш да се заблагодарам на сите кои изминативе денови мене и мојот тим не примија во своите домови. Благодарност до оние кои издвоија дел од своето време да ги сослушаат нашите идеи и визии, а пред нас да ги изнесат и своите идеи.

Ве повикувам во недела масовно да излеземе и да ја потврдиме светлата иднина на нашето Кичево.

Да не дозволиме да згасне нашето огниште!

Со почит,
Д-р Александар Јовановски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.