Во текот на целата кампања се сретнав со луѓе од различни заедници, млади и стари и сфатив дека многу семејства не можат да врзат крај со крај, дека многу од нив живеат во сиромаштија, дека младите својата иднина не ја гледаат тука.

Затоа заслужуваат подобар живот. Токму тоа е причината поради која мора да се обединиме, да собереме храброст и да донесеме промени, истакна на почетокот од своето обраќање независниот кандидат за градоначалник на Општина Кичево на овие локални избори Фатмир Лимани.

Тој ја потенцира визијата на неговата програма со изградба на образовна, културна, здрава и безбедна заедница, во која ќе преовладува правдата и транспарентноста и во која ќе се намалува ставката на невработеноста преку одржлив економски развој.

Ги потенцира начелата на кои ќе се потпира, а тоа, како што рече се: финансиска одговорност, отвореност и транспарентност, партнерство и соработка. Ги наброја вредностите кон кои ќе се тежнее во наредниот мандат од одговорност, почит, тимска работа, давање отчет и флексибилност.

Економскиот развој е вториот столб врз кој се потпира програмата на Лимани.

– Посебно внимание ќе посветиме на создавање бизнис клима, ниски општински давачки и такси, економска промоција со можност за инвестирање во општината. Исклучиво преку создавање услови за инвестирање без условувања и корупција на граѓаните ќе им влееме надеж особено на младите да останат и својата иднина да ја градат тука во нивната татковина. Посебно внимание ќе посветиме на културата и спортот. Нашиот приоритет ќе биде формирање на градски театар, организирање на заеднички манифестации со дијапсората и одбележување на важни историски датуми и настани, рече неазвисниот кандидат..

Помеѓу приоритетите на кои ќе се посвети, како што кажа, се и печалбарите од овој регион.

– Посебно место во нашата програма заземаат печалбарите а главен приоритет ќе биде создавање услови за враќање и инвестирање во татковината користејќи ги технолошко-индустриските зони и сите други олеснувања како давање на земјиште по цена од нула денари за метар квадратен како и користење на други можности, додаде Лимани.

Во завршницата од своето обраќање уште еднаш ги потсети граѓаните дека градоначалникот треба да ги обединува луѓето и да гради мостови помеѓу нив.

– Работата на градоначалникот е да ги третира подеднакво сите луѓе, да ги обедини, да гради мостови на соработка меѓу урбаните и рурални области и да понуди различни гледишта кои постојат во земјава. Ние ќе работиме заедно да ги вратиме вредностите за соработка независно од тоа која партија сте подржувале во минатото. Ќе ги оставиме настрана старите дебати и ќе работиме заедно со вас за да дојдеме до вистински промени. Потребен е само еден глас а тој глас е за Кичево, глас за вашето семејство, глас за вашите деца, глас со кој еднаш засекогаш ќе ставиме крај на една историја која изгледаше бесконечно, историја на неуспех и разочарување. Гласајте масовно за промена, заокружете ги броевите 87 и 53, порача Фатмир Лимани.

Вечерва на присутните им се обратија и шефот на Изборниот штаб на Лимани Бејтула Емини и носителот на независната листа Агим Садику.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.