Иницијативен одбор на ликовни педагози во основните и средните училишта по Ликовно образование и Ликовна уметност реагираат на најавите дека со промените во образовниот систем на Република Македонија се планира спојување на двата предмети Ликовно и Музичко образование.
Ликовните педагози предупредуваат дека со такви промени би се изгубила суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Како што истакнуваат, единствениот предмет со кој се развива креативноста – Ликовното образование, со новата концепција за основното образовние е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине.
Тие велат дека дополнителлно, предложената идеја Ликовно и Музичко да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование, ќе доведе едноставно до неможност истиот да се реализира.
За своите ставови и барања ликовните педагози се сретнале со министерката за образование и наука, Мила Царовска, а нивното писмо го пренесуваме во целост:
Со внимание ја проследивме презентацијата од првата консултативна средба за новата Концепција за основно образование. Испраќаме искрени честитки за идејата за сеопфатна и темелна реформа на основното образование и за заложбите на МОН, Бирото за развој на образованието и сите други инволвирани субјекти во креирањето на промените и реформите.
Со ова наше обраќање би сакале да ги споделиме нашите искуства и сугестии. Имено, според презентираната идеја планирано е спојување на двата предмети Ликовно и Музичко образование. Наше мислење е дека со вакви промени би се изгубила суштината на двата предмети од аспект на учениците и наставниот процес. Во однос на ликовно образование сметаме дека е потребна поголема застапеност на часовите, но и промена на моделот и програмата.
Имено, визуелната уметност е неизбежна потреба за изразување и комуницирање на човекот. Првиот начин на комуницирање на детето е визуелниот јазик, што му помага да го развие гласовниот говор. Визуелното изразување е доминантно пред останатите начини на изразување. Визуелниот јазик и визуелното изразување единствено се изучуваат во ликовното образование. Сите останати предмети ги користат придобивките од она што е научено од ликовното образование.
Предметот ликовно образование е значаен за формирање на ученикот, односно тој да може да се изразува преку користење на современи методи и техники. Исто така во ликовното образование, преку практичниот дел, се развиваат и самостојност во работата, способност за изнаогање креативните решенија, самодоверба, самокритика, истрајност, педантност, стремење кон повисоки цели и натпреварувачки дух. Дополнително, во денешно време со брзо темпо на живот на родителите, на часовите по ликовно образование ученикот се ослободува од стресот и затоа, измеѓу остатото, учениците многу го сакаат овој предмет.
Наставниците по ликовно образование и со еден час неделно, со големи тешкотии, успеваат учениците да ги заинтересираат, да се внесат во творечкиот процес и да создадат успешни ликовни творби, иако со звукот на ѕвончето се слуша незадоволството на учениците заради брзото поминување на часот и неможноста да се заврши творбата. Меѓутоа, за целосно развивање на креативниот потенцијал на учениците потребно е ликовното образование да биде редовен предмет со два блок часови неделно, од 1-9 одд. Исто така многу важно е ликовните педагози да бидат вклучени во наставата од 1 одделение со цел да ги препознаваат и насочуваат потенцијалите за сите професии поврзани со визуелната уметност. Предметот ликовно да е дел од програмата на средните стручни училишта со 2 часа неделно, особено училиштата (текстилно, архитектонско) во кое се јавува особена потреба од визуелна писменост.
Дополнително, сметаме дека со предложените промени, најмногу ќе изгубат учениците, но и наставниот процес во целина, бидејќи предметот ликовно образование е посебен предмет со свои специфични наставни содржини и истиот нема врска со изборните предмети. Стекнувањето на визуелна писменост на учениците во свет во кој сме опкружени со визуелни пораки е многу важно. Уметноста е многу повеќе отколку слика или скулптура во музеј или галерија. Ја среќаваме насекаде околу нас: во просторот во кои живееме (архитектура/ентериер), облеката и сите предмети кои не опкружуваат, дизајнот на секоја компјутерска апликација, дизајнот на производите, медиумите итн. Речиси да не постои област која не е опкружена и зависна од некое ликовно решение.
Сакаме да укажеме и на фактот дека во одредена мера Вашиот концепт има делумно неточни претпоставки. Имено, не е точно дека нашите ученици се премногу оптоварени, туку напротив, македонските ученици спаѓаат во најмалку оптоварените по број на часови и предмети во Европа. Оптовареноста, според нас, е во содржините и несоодветните програми, а особено во застарениот и неадекватен наставен процес и методички пристап, а не во бројот на часови и предмети. Тоа, конкретно се огледа и во предметот Ликовно образование. Имено, во ЕУ овие предмети се застапени во просек од 2 до 4 часови. Притоа, ликовното образование, секаде во ЕУ чини дел од т.н. „compulsory core curriculum“. Проблемот со мала застапеност на визуелната писменост и култура во образованието се провлекува понатаму и во средното образование, каде се појавува и проблем со несоодветноста на кадри кои ги предаваат овие предмети.
Единствениот предмет со кој се развива креативноста – Ликовното образование, со новата концепција за основното образовние е поставен на маргините на образованието со тенденција да се укине. Од друга страна целта на промените во образованието се прават за да се промовира критичко мислење и креативност кај учениците.
Без намера, во ова обраќање да навлегуваме во детални елаборации, сакаме директно да укажеме, дека предложената идеја Ликовно и Музичко да се спојат во еден курикулум сè до крајот на основното образование, ќе доведе едноставно до неможност истиот да се реализира. Во неколку европски програми, постои таков пристап, но главно секаде спојувањето е ограничено на првите три одделенија. Ве уверуваме, не постои европска земја каде овие два предмети се во еден, сè до крајот на основното образование.
Од погоре наведените причини бараме да ги разгледате нашите забелешки во интерес на учениците и на самиот процес на образование и воспитание.
Со почит,
Подносители на барањето:
– Детски ликовен центар-градско здружение на ликовни педагози и
– Иницијативен одбор на наставници по Ликовно образование и Ликовна уметност“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.