Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница донесе ревидиран Роковник за парламентарните избори што се одржат на 15 јули.

Роковникот е подготвен согласно владината Уредба со законска сила за изборите, со која молкот да започне на 12 јули на полноќ, на 13 јули да гласаат лицата со ковид-19, во изолација и самоизолација за што ќе бидат формирани посебни избирачки одбори составени од здравствени работници и претставници на партиите, а на 14 јули другите болни и затворениците кои ќе се пријават за гласање.

Полнолетните граѓани на денот на изборите (15 јули) ќе можат да се изјаснат од 7:00 часот до 21:00 часот вечерта.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски упати апел до граѓаните дека се наоѓаме во еден интересен период пред нас, месец во којшто ќе престојат доста политички препукувања и интересни моменти, но најголавниот и најголемиот предизвик е здравствената состојба и заштитата на здравјето во овој процес, пренесе МИА.

Дали се тоа Избирачките одбори, дали се Општинските изборни комисии, здравјето на гласачите. Ние како ДИК во соработка со здравствените власти, еве и денеска разговаравме, заеднички да изготвиме одредени правила и протоколи кои ќе обезбедат максимална заштита. Како Комисија ќе се потрудиме да обезбедиме максимална заштита на здравјето на сите кои учествуваат во нашата изборна администрација, на околу 35.000 граѓани. Ќе обезбедиме пристап до гласачките места на малку поинаков начин, рече Деркоски.

Тој појасни дека ќе се погрижат гласачките простории да бида со постојано проветрување.

На крајот нашата држава да биде оценета од сите набљудувачи како држава која одлично организирала во вонредни услови ваков из борен процес и тоа ќе ни биде уште еден чекор напред кон она што ние сите се стремиме а тоа се евроинтегративните процеси кои следат есенва и понатаму, рече Деркоски.

Членот на ДИК од СДСМ, Борис Кондарко истакна дека се размислува за зголемување на надоместоците за членовите на ОИК и ИО поради новонастанатата состојба и оти за тоа ДИК нема да има потреба за дополнителни средства.

Засега ДИК, како што кажа, не може да излезе со конкретни бројки. Заштедата на ДИК е од средствата планирани за гласање на дијаспората, каде поради недоволен број пријавени нема да се спроведат парламентарните избори. Како што кажа Кондарко, членовите на ДИК нема да земат дополнителни надоместоци или додатоци, надвор од платата.

Јавниот увид во Избирачкиот список е завршен, а тој ќе биде само надополнет согласно Изборниот законик, информираше Кондарко, кој појасни дека Комисијата во идниот период ќе донесе соодветни упатства за реализација на изборите.

Согласно правните акти, Уредбата на Владата и решението на претседателот на Собранието, вонредната состојба трае заклучно со 22 јуни, на 24 јуни почнува официјално изборната кампања и таа трае заклучно со 12 јули, информираше Кондарко.

Граѓаните можат да се проверат во ИС на веб-страната на ДИК (sec.mk)

ДИК денеска испратила писмо до Министерството за здравство со барање до нив да достават податоци за здравствени работници по општини. За гласањето на 13 јули, ќе бидат формирани посебни здравствени избирачки одбори составени од по тројца здравствени работници и претставници од политичките партии. За ова потребно е да бидат ангажирани околу 500 здравстени работници. Лицата кои се во карантин или изолација поради Ковид-19 потребно е сами да се пријават за гласање седум дена пред денот на гласање, информираа од Комисијата.

ДИК го ревидирала и планот за едукација на ОИК и ИО, а ќе треба да се спроведе и едукација на здравствените избирачки одбори. За таа цел, членовите на ДИК ги очекуваат прецизните Протоколи на здравствените власти, кои како што кажа Деркоски, треба да бидат готови за два до три дена.

ДИК има ангажирано Агенција која ќе направи кампања за информирање и едукација на граѓаните за начинот на гласање, согласно Изборниот законик и уредбите на Владата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.