Президиумот на Левица, на синоќешната вонредна седница, одлучи да ја поддржи професорката Гордана Силјановска Давкова како кандидат за претседател на државата.
Силјановска ја сметаме за атипичен претседателски кандидат. И покрај нашите несогласувања по одредени прашања, знаеме дека таа е изградена личност со неспорен кредибилитет, која што ефикасно ќе се спротивстави на политиката на коалиционата двојка СДСМ-ДУИ, личност која ќе се води по принципите на правото, правдата и етиката и нема да дозволи компромитација на својот интегритет – велат од Левица.
Од таму додаваат дека нивната поддршка за Силјановска да стане првата жена претседател на Републиката е строго персонална, а никако про-вмровска.
Дотолку повеќе што, велат од таму, повмровски кандидат во случајов е токму Стево Пендаровски кој беше портпарол во првата вмровска влада на Љубчо Георгиевски, а потоа и советник во кабинетот на Борис Трајковски.
Нашата соработка со професорката датира уште од времето на Професорскиот пленум, па оттука оваа наша поддршка ја сметаме за принципиелна и критична. Секој гласач на проф. Силјановска мора да ја држи за збор, будно да го следи секој нејзин чекор и да ѝ помогне да не потпадне под влијанието на големите партии СДСМ – ДУИ – ВМРО-ДПМНЕ. Нам сега ни треба реализирана и принципиелна личност за претседател, која нема да биде обична марионета, туку мудро ќе ги користи своите уставни овластувања со цел да не дозволи тотална власт на само една партија – велат од Левица.
Од партијата велат дека колку и да се чини оправдан гневот против корумпирани елити, сепак на овие избори – каде бираме личност, а не партија – бојкотирањето ќе биде само во корист на властодршците и ќе овозможи актуелниот собраниски спикер да биде ВД претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.