Комисијата за заразни болести и МОН во наредниот период од сите препораки што се сега во сила ќе подготви еден протокол за тоа како би се одвивала учебната година од септември и за враќање на учениците на настава со физичко присуство.

Министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарски прашања рече дека тоа можеби ќе вклучи и план за вакцинирање на деца од 12 до 16 години бидејќи Американската агенција за лекови ја одобри вакцината на „Фајзер“ за деца на таа возраст. Евалуацијата на сите препораки и дали децата треба да се вакцинираат ќе се прави во текот на летово.

Во нашите планови за пристигнување вакцини, може да ја покриеме со количини бројката на деца од 12 до 16 години. Ќе ја проектираме таа количина и ќе ја зачуваме за децата, но нормално таа нема да биде задолжителна, рече Филипче.

Министерот соопшти дека е завршена вакцинација на пациенти со трансплантирани органи и на пациенти на дијализа, во тек е за лицата со ретки болести, а следни се оние со потешки хронични белодробни заболувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.