Против промоција на Ленче Ристоска во виш јавен обвинител гласаа 7 од 11 члена на Советот на јавни обвинители: државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, тројцата членови Албанци – Иџет Мемети, Фаик Арслани (и двајцата поранешни министри) и Арбер Исаку, поранешниот претседател на Советот, Коле Штерјев, како и членовите Јасна Жежова и Ангел Солев.
Јас сум разочарана од одлуката на Советот. Навистина не знам зошто, и покрај демонстрираниот професионализам и интегритет, работата на случаи како „Таргет-Тврдина“, „Талир 1“ и „Талир 2“ и, паралелно, со тоа работа во „Еуроџаст“, за која сум пофалена од самата институција, јас не заслужувам унапредување. Ќе беше убаво да ги слушневме и причините и размислувањата на членовите на Советот, а не само нивната конечна одлука, изјави Ленче Ристоска за „360 степени“.
Ленче Ристоска доби „казна“ од мнозинството во Советот на јавни обвинители за нејзината апликација да стане обвинителка во Вишото јавно обвинителство-Скопје. Според гласовите на Советот, пред неа место во Вишото јавно обвинителство во Скопје заслужија: обвинителката Фатиме Фетаи од СЈО; обвинителот Бурим Рустеми од СЈО; обвинителот Сашо Рајчев, досегашен шеф на ОЈО Скопје; обвинителката Снежана Бундалевска-Георгиевска од ОЈО Скопје; обвинителот Наум Паноски, кој досега работеше во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.
Членовите на Советот што гласаа „против“ Ристоска се седум на број. Што е заедничко за нив? Немаше ниту еден глас „за“ од членовите Албанци на Советот. Меѓу нив, „не“ кажа и Иџет Мемети, довчерашниот народен правобранител. Меѓу тие што гласаа против се тројца од вкупно четворицата политички именувани членови на Советот на јавни обвинители, кои ги избира Собранието.
Со исклучок на актуелниот претседател на Советот, Ацо Колевски, против апликацијата на Ристоска гласаа сите членови на Советот што имаат или имале функција во јавното обвинителство или Советот на јавни обвинители од доаѓањето на власт на коалицијата СДСМ-ДУИ.
Членовите на Советот на јавни обвинители што гласаа „против“ се: Арбер Исаку – член од 2016 (избран од Собрание, од 2020 потпретседател); Фаик Арслани – член од 2020; Иџет Мемети – член од 2020 (избран од Собрание); Љубомир Јовески – член од 2015 (од 2017 ЈОРМ); Коле Штерјев – член од 2016 (од 2017-2019 претседател); Ангел Солев – член од 2018 (избран од Собрание); Јасна Жежова – член од 2016.
Членовите што дадоа поддршка за унапредување на Ленче Ристоска се: Ацо Колевски – член од 2018 (од 2019 претседател); Фиданка Рајевска – член од 2016; Антонио Јолевски – член од 2020; Љупчо Ивановски – член од 2020 (избран од Собрание).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.