Лекарскиот колегиум при Институт по белодробни заболувања кај децата во Козле упати отворено писмо до медиумите во кое се бара разрешување на директорот Ангелчо Андоновски. Лекарите од Козле предупредуваат дека Андоновски потфрлил во своите основни обврски, при што не обезбедил услови за раздвојување на децата при преглед – тоа значи дека деца со симптоми на ковид-19 биле прегледувани измешани заедно со деца кои немаат такви симптоми, што предизвикува сериозна опасност за ширење на болеста.
Амбулантата за прегледи на педијатриските пациенти е соба бр 6 која се наоѓа во самиот оддел во црвена зона каде се хоспитализирани пациентите со ковид-19. Во таа амбуланта го прегледуваме секое дете, а не секоја состојба значи инфекција со ковид 19. Ова значи дека во оваа амбуланта за преглед се мешаат и негативните и позитивните деца, а со тоа се загрозува здравјето на нашите пациенти и се шири инфекцијата. И за ова состојба ние како педијатри со цел да си ги заштитиме своите пациенти и да го превенираме ширењето на заразата во неколку наврати писмено го информиравме директорот Андоновски и на тоа не добивме одговор. За децата не е обезбеден ниту простор за тријажа, тие за преглед чекаат буквално по клупите во дворот со родителите заеднички и позитивни и негативни болни деца и нивните родители, пишува во отвореното писмо на лекарите од Козле.
Тие укажуваат дека повеќе пати барале од директорот да го реши овој и насобраните други проблеми во функционирањето на болницата која се грижи за деца и мајки заразени од вирусот, но за возврат биле изложени на малтретирање од страна на директорот Андоновски.
Нашиот директор го решава проблемот со вршење мобинг најчесто кон специјалистите, сукцесивно, поединечно, и истовремено има деградирачки омаловажувачки однос кон сите вработени. Преку апликација инсталирана на својот мобилен телефон, постојано ги следи вработените преку камерите во болницата, „лови“ жртви и испраќа пораки со малициозност, закани и прети со парична казна. За ова сведочат многу пораки на мобилните телефони на педијатрите. Од неговото назначување па до денес со својот негативен однос прави раздор помеѓу вработените, крајно ја влошува атмосферата за работа, носи според нас импровизирани ад хок одлуки, поради што дел од медицинскиот кадар веќе ја напушти болницата, пишуваат лекарите.
Директорот Андоновски, велат од колегиумот, не ја користи ни личната заштитна опрема – освен кога треба да се слика во неа и да споделува такви фотографии на социјалните мрежи, како дел од неговиот личен маркетинг. Колегиумот информира дека пред три месеци разговарале со министерот Венко Филипче за состојбата во болницата и му доставиле петиција со потписи за разрешување на директорот, но освен ветување дека состојбата ќе се подобри, министерот не сторил ништо, напротив, малтретирањето на вработените се прдоолжило.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.