Откако д-р Златко Савоски, специјалист интернист и еднокринолог од прилепската болница, на неговиот фејсбук-профил, објави дека за малку е избегната смрт кај 27 годишник како резултат на лекот Сугарнорм, од Агенција за лекови велат дека Сугарном не е лек туку додаток на исхраната, и дека затоа тие немаат регистрирано таков суплемент..

Сугарнорм воопшто не е лек, туку додаток на исхрана и затоа таков препарат ниту суплемент ние како Агенција за лекови немаме регистрирано. Сугарном се продава преку интернет, што е строго забрането. Законот е дециден дека лекови се продаваат само во аптеки. И покрај тоа, на нашата веб страна има поставено соопштение за граѓаните, со апел да не купуваат непроверени лекови ниту препарати. Апелираме да се купуваат лекови единствено преку аптеки – вели директорот на Агенцијата за лекови, Лирим Шабани, за „Слободен печат“.

Тој нагласува дека воспоставиле контакт со Прилепската болница во која се случил инцидентот и неофицијално дознале дека пациентот на своја рака ја прекинал инсулинската терапија и почнал со примена на Сугарнорм верувајќи дека ќе му помогне.

Претседателот на Националната комисија за дијабетес на Македонија, доктор Ирфан Ахмети вели дека ендокринолозите никогаш не препорачуваат додатоци во исхраната за кои не знаат каква интеракција ќе имаат хронично болните од Дијабет.

Никогаш јас лично, а ниту моите колеги не сме препорачале терапијата да се надополнува со било какви додатоци. Посебно не смеат да експериментираат пациентите со Дијабет тип1, тие се најзасегнати. Пациентите освен докторот што им ја води терапијата не смеат да слушаат никој друг и да веруваат дека со тоа ќе ја намалат дозата или пак дека целосно ќе прекинат со употреба на инсулин. Дури и да користат некакви додатоци во исхраната, не смеат во никој случај да прекинуваат со инсулинската терапија – предупредува доктор Ирфан Ахмети.

Во однос на тоа зошто се дозволува продажба на нелегални лекови, од Државниот пазарен инспекторат велат дека имаат проблеми при лоцирање на продажбата на производите што се продаваат на интернет. Како што велат, можно е производите да се нарачуваат и од Бугарија или Косово, а кај нас пристигнуваат по карго.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство, пак, велат дека овој производ е одобрен и легален.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.