Ако се уште не јасно зошто пет месеци чекавме вакцини, одговорот е затоа што додека министрите низ светот бркаа вакцини, Филипче и Заев најверојатно бркаа провизии. Сагата со кинеските вакцини заврши со илјадници загубени животи, ова денеска преку прес-конференција денеска го истакна Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
На 13-ти март објавив дека Филипче наместо по регуларен пат, тргнал да набавува вакцини преку фантом фирма од Хонг Конг – тоа е фирмата „Стабри Интернешенал“ со седиште во Хонг Конг, за која министерството за здравство и Венко Филипче првин тврдеа дека не постои, а потоа дека документите што ги објавуваме се лажни и неточни. Објавивме документи од кои се гледа дека вкупната вредност за набавката за 200.000 вакцини која требало да биде направена би била 12.5 милиони американски долари, што е 62.5 долари за вакцина. Тоа е дупло поскапо од цената што ја плаќале другите држави. Филипче негираше и се правдаше. До ВМРО-ДПМНЕ свиркач достави документи, од кои се гледа дека плаќањето било извршено. Ова е Налог за извршување на плаќање во странство остварен со акредитив во висина од 7.800.000 американски долари, уплатата е извршена од страна на министерството за здравство, во кое министер е Венко Филипче, преку сметка во НБРМ од буџетски средства, а примач е „Стабри Интернешенал“. 7.800.000 американски долари, се околу 60% од 12.500.000 американски долари, колку што беше информацијата изнесена во медиумите дека ќе биде исплатена за 200.000 кинески вакцини, со што добивме единечна цена на чинење на една вакцина од 62.5 американски долари, а тоа е двојно повеќе од сумата која излезе како податок дека ја платиле други држави – вели Лефков.
Тој јавно го праша Венко Филипче, дали ова се документите, кои беа лажни, дали ова се документите кои не постоеја и дали ова сега не е кредибилен документ дека исплатата е извршена? Дополнително каде требало да завршат над 30 долари по вакцина односно над 6 милиони американски долари?
Венко Филипче е должен да и одговори на јавноста зошто имал намера да купи вакцини по цена двојно повисока од таа која ја плаќале други држави? Каде требала да заврши разликата во цени? И кој требал да има профит од сето тоа? Дали трката по провизии беше поважна од здравјето на илјадници луѓе и свесен ли е Филипче дека сите починати по 1 јануари 2021 година одат на неговата и совеста на Зоран Заев, кои не набавија навреме вакцини? Одговорност мора да има, но не само политичка и морална, овој криминал, ова безобразие мора да биде санкционирано. Го повикуваме ЈО веднаш да отвори случај и да не чека како во случајот со Рашковски јавноста да зоврие, па да амортизираат штети. Одговорност веднаш – потенцира Лефков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.