„Лебедова песна“ е насловот на најновата колумна за Нова Македонија на авторот Александар Русјаков. Вели дека ова е негова втора колумна со ист наслов за истиот медиум. Првата, потсетува тој, е напишана во септември 2009 година, а се однесува на Македонија, нејзината лебедова песна пред да умре како идентитет.

Русјаков вели тогаш практично ја почнал неговата лична борба за зачувување на македонското име и македонизмот. Со ист наслов завршува, додава писателот и сценарист, најавувајќи ја како негова „последна колумна во која ќе има трошки политика“.

Во продолежние колумната…

„Лебедот кога ќе остане без својот партнер, се самоубива изгладнувајќи се. Оттука, лебедовата песна е последната песна на поетот пред да умре. Во септември 2009 година, мојата прва колумна за „Нова Македонија“ се викаше „Лебедова песна“. Се однесуваше на Македонија, нејзината лебедова песна пред да умре како идентитет. Тогаш практично ја почнав мојата лична борба за зачувување на македонското име и македонизмот, кои беа ставени под гилотината на изопачената светска моќ. Со ист таков наслов и завршувам. Ова е мојата последна колумна во која ќе има трошки политика. Од следната недела, доколку одлучите да ме читате, ќе бидам повторно јас, ама само уметникот јас. Нема веќе политика, нема веќе Македонија.

Се изначитав (изнаслушав) сенешто. Софтверот на ДИК падни-стани. Чудна промена на резултати. Осумдесет илјади гласови на ВМРО-ДПМНЕ и Левица бесмислено (смислено) распоредени кај СДСМ, ДУИ, Беса. Хакерски напади. Изборни поткупи. Кражба на гласови. Искрено, ништо од тоа не ме интересира.

За мене, СДСМ и ДУИ се победници. Дури и резултатот да беше 46:44 за ВМРО-ДПМНЕ, пак за мене СДСМ ќе беа победници. Ова е нивна историска победа. Не затоа што првпат победуваат по 18 години, туку победуваат како партија што ги укина Македонија и македонскиот идентитет, ја збриша македонската историја, го поништи АСНОМ, нè сведе на вештачка творба од 1945 година, а наскоро ќе го збрише и македонскиот јазик. СДСМ ги укина Македонците, а тие, преименувани во три коси црти, им дадоа победа. Заедно со 50 проценти три коси црти што не гласаа. Затоа е ова историска победа на СДСМ. Таква е мојата математика. Тоа значи дека Македонија е прифатена како реалност.

Но овие избори јас ги доживувам и како ослободување. Мое лично ослободување. Македонскиот народ ме ослободи од товарот да продолжам да се борам со неправдата во која живееме. Од 15 јули наваму, за мене е бесмислено да се борам за Македонија. За Македонците. За нивното право како сите други народи да се самоидентификуваат. Има луѓе што денес тврдат дека Македонците настанале врз база на политички експеримент. Тоа е идиотизам. Македонците имаат вековен континуитет и за тоа постојат докази. Но има и една друга вистина. Македонците што имаат вековен континуитет ќе исчезнат врз база на политички експеримент. И јас, како знаев и умеев, се борев против тоа. Сега веќе не морам. И не сакам. Резултатите од избориве јас ги доживувам како апел до мене. Готово е Русјаков, гласи апелот, поразен си, сега врати си се на своите стихови и реченици и не го тупи веќе!

Немам проблем да признаам пораз. Не се срамам да кажам дека сум згрешил. Воопшто не ми пречи да заклучам дека сум излегол невиден глупак. Ме порази совршената моќ. Длабоката држава, ЕУ и НАТО. Обединетите нации. Тие го спроведоа ова налудничаво сценарио за поништување на цел еден народ. Многу моќ, многу пари, не им беше тешко. Не ме боли поразот. Од нив. Ме поразија македонските политички партии. Нивната наркоманска зависност од моќта што спроведува врз нас идентитетски геноцид. Нивниот полтронизам, кукавичлак, безидејност. Не ме болат ниту тие. Ме порази македонскиот народ. Сеедно му е. Тоа е конечниот пораз за мене. Оној што боли. Ќе преживеам. Научен сум на болка и страдање.

Целата колумна на Александар Русјаков можете да ја прочитате тука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.