Доцна во ноќта хибридниот режим на Зоран Заев го покажа целото свое лице. Министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи по диктат на Заев, а по формално барање на Оливер Спасовски беше разрешена, само заради тоа што го користела Република Македонија. Ова е тоталитаризам во својот класичен облик – рече денеска на прес конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Благица Ласовска.

Ласовска додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на денот ќе одлучат дали ќе предложат ново име за технички министер за труд и социјална политика, откако рано утрово беше разрешена министерката Мизрахи.

Да биде иронијата уште поголема, самиот Оливер Спасовски кога ги образложуваше причините за разрешувањето самиот користеше термин Македонија без никакви придавки или додавки. Ова е лицемерие на СДСМ. Бараа разрешување на Мизрахи заради прес конференција пред табла со Република Македонија, која патем е наследена од нејзината претходничка Мила Царовска, а самите тие користат Република Македонија во формална и неформална комуникација – посочи Ласовска.

Според неа ова само покажува дека таблата беше само повод, а вистинската причина за разрешувањето е разобличувањето на незаконските активности на Царовска и неодговорното работење на министерството во време на истата.

Јавноста само треба да ги погледне прес конференциите на Рашела Мизрахи, за да види какви дубиози се случувале во Министерството за труд и социјала во време на Царовска и ќе им стане јасно зошто се бараше разрешување по итна постапка среде ноќ.

Рашела Мизрахи покажа како се сака Македонија и покрај целата хајка која СДСМ и нивните апологети ја правеа против неа. Со својата храброст, принципиелност и непоколебливост одговори на сите антисемитски напади, кои беа упатувани оркестрирано против неа уште од самиот почеток. Тоа кое што Бранко Тричковски го почна, Заев, Оливер и владеачкото мнозинство во парламентот го продолжија.

Разрешувањето на Мизрахи е обичен обид за дефокус на СДСМ од криминалите во кои Заев е заглавен до гуша, за корупцијата која цвета во Македонија, за нивното неодговорно и штетно владеење, за Луј Витон торбите, за рекетот, за плантажите со марихуана на Заеви, за тендерите и концесиите кои аболицираниот криминалец Заев ги правел.

Ова тоталитарно однесување на Заев и неговиот хибриден режим фрла сериозна дамка на изборите кои ќе се случат на 12 април, бидејќи се руши еден од суштинските постулати согласно законот за влада и законот за избори. Јасно е како ден дека Заев сака со сите можни сили да го одложи соочувањето на фер и демократски избори, бидејќи поразот кој му следи е се поизвесен. Тоа е причината за неговиот страв и неговиот очај. Тоа е причината за неговата нервоза и паника – рече Ласовска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.