Од Средношколскиот сојуз реагираат на соопштението од Министерството за образование и наука дека „Младите ја поддржуваат дигитализацијата во образованието“, велејќи дека е лага дека даваат целосна поддршка за дигитализација на учебниците.
Сојузот никогаш не дал целосна поддршка за дигитализацијата на учебниците. Написите кои ова го тврдат ги водат читателите во погрешна насока. Иако рековме дека дигитализацијата е чекор во вистински правец, ние го изразивме јавно нашиот скептицизам и предупредувања, реагираат оттаму.
Средношколците оптсетуваат кои се нивните ставови за дигитализацијата на образованието:
1. Секој ученик има различен начин на учење. Некој го претпочита старомодното чувство на вртење на страниците на хартиен учебник, додека други ученици сакаат да употребуваат дигитални уреди и средства. Образовниот систем мора да ги почитува индивидуалните желби и преференции на секој ученик.
2. Според нашите информации нема ниту една земја која целосно користи дигитални учебници во својот образовен систем. Сојузот смета дека дигитализацијата на образованието е чекор во добар правец, но не смее дигиталното да биде единственото решение. Моделот мора да биде сензитивен за различностите. Понатаму, ако сакаме да имаме целосно дигитални учебници, тогаш училиштата мора да ја имаат соодветната струткура, а учениците мора да изучуваат и стекнуваат релевантни дигитални вештини, т.е. дигитална писменост.
3. Не може нешто да биде обрзувачко за граѓаните, а тие да ги немаат средствата да го исполнат барањето. Понатаму, ние сме земја со слаба дигитална мрежа. Впрочем ова ни го покажа пандемијата и фијаското со наставата од далечина. Апелираме доколку се воведуваат дигитални учебници, нивниот софтвер да биде поквалитетен и да не падне на првиот ден, како што тоа го направи националната платформата schools.mk.
4. Печатењето на дигиталните учебници не смее да оди преку училиштата, бидејќи тие ги немаат соодветните ресурси. Некои дури немаат ни печатачи. Печатењето мора да биде централизирано, а истото да го спроведува МОН. Сметаме дека печатените учебници треба да бидат „вистински“ книги со корици, а не скрипти.
5. Сметаме дека нема доволно време до септември за да се дигитализираат сите веќе употребувани учебници. Од друга страна, пак, прикачувањето на учебниците во пдф форма претставува добра алтернатива за учениците. Сепак, треба да биде алтернатива, а не постулат.
6. Образовниот систем треба да употребува и конвенционални и дигитални алатки. Сметаме дека ова е оптималното решение. Исто така, Македонија треба да ги следи модерните трендови во образованието и постепено да ја намалува улогата на учебниците како единствени наставни средства.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.