Кумашинот на премиерот Зоран Заев, Горан Митров – Гна, во еден ден основаше друштво за одгледување на канабис и млекарница со адреса во Сушица во општина Ново Село, открива „Фактор“.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека струмичкиот бизнисмен на 13 декември поднел пријава за основање на друштво за производство, трговија и услуги „Канабис ГНА“. Дејноста е одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и на растенија за употреба во фармацијата.

На истиот ден Митров поднел пријава за основање на „Млекара ГНА“, за преработка на млеко и производство на сирења, исто така во Сушица.

За бизнисот со млеко се заинтересирал уште лани, кога ја посетил фармата „Агри милк“ во Бугарија.


Митров е познат како амбициозен фармер во Струмица и околината, но и по тоа што во некои медиуми веќе се пишуваше дека му е кумашин на премиерот Заев и бизнис-партнер со членови од неговото семејство. Тој е татко на Љупка Митрова, која редовно ги полни естрадните таблоиди.

Во медиумите од претходно е објавено дека блиски членови од фамилијата на премиерот се сопственици на МАМ во Свети Николе и Фарма медика канабис во Валандово, но и делумни сопственици во уште неколку компании поврзани со канабисот.

Во моментов не е познато колку плантажи за одгледување на канабис имаат дозвола за работа, а Владата изминатата недела донесе решение за давање на одобрение на три фарми – Еуро Канн Демир Хисар, Пјурели Фарм Скопје и Ата-Фарм Груп Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.