Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски апелираше до граѓаните на максимално почитување на мерките за заштита.

Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, денеска во емисијата „Утрински брифинг“ зборуваше за состојбата со КОВИД-19 во општината и апелираше до граѓаните на максимално почитување на мерките за заштита.

Ние како општински штаб за заштита и спасување информациите ги споделуваме на дневна и неделна основа. Сите позитивни случаи ги нотираме и бројките и процентите подоцна ги вадиме на неделна основа, за разлика од петтата недела од оваа година кога бројката беше 74 позитивни – една од најниските. Веќе шесттата, седмата и осмата недела почнаа делумно да се зголемуваат, но последната,оваа недела бројките отидоа на 195. Алармот никогаш не бил ни исклучен, но за жал и постапката за имунизацијата која дефинитивно е спора, но и првенствено опуштањето на граѓаните ги покажува своите ефекти и вирусот се шири. Ова е аларм повторно да ја сфатиме состојбата сериозно и да ги почитуваме мерките и правилата кои се однесуваат во делот на заштита и спречување на ширење на коронавирусот, потенцираше градоначалникот Димитриевски.

Тој истакна дека граѓаните носат маски и се дисциплинирани, но за жал постојат и такви граѓани кои не ги почитуваат целосно правилата и препораките.

Апелирам до граѓаните да се придржуваат кон препораките. Инаку, што се однесува до воведувањето на полициски час, ако се сеќавате минатата година кога го имавме првиот случај во Куманово ние бевме токму првите кои баравме најрестриктивни мерки да се воведат, со цел да се спречи епидемијата во самиот зачеток. Решавање на една ваква кризна, вонредна, здравствена состојба има два методи. Едниот метод е војнички, другиот метод е политички. Куманово сакаше да примени војнички метод со изолација на градот 14 плус 14 дена и дополнително изолација на регионот и штитење на границите. Некако се опуштивме целиот овој период, а на одредени моменти корона кризата се користеше и за политика. И ете ги имаме резултатите. Но, ако ги следиме трендовите во светот и во некои држави во опкружувањето бројките се слични, што значи преголемо ширење на лажните вести и на некој начин воведување на скептицизам кај граѓаните што всушност се случува и доведе до ваква состојба. Не само ние, се покажа дека воопшто човештвото не е подготвено за вакви крупни предизвици. Јас повторно ќе се вратам на таа изјава која ја дадов „Јас би ја исклучил цела Македонија во целосен лок даун 14 дена и максимална контрола за побрзо да може да се вратиме на нормалниот живот“. Сега се поставува прашањето што ако вие го средите тоа во држава, во опкружувањето повторно го имате вирусот, колкава моќ ќе имате да го контролирате тоа, посочи Димитриевски.

Градоначалникот Димитриевски информираше дека има граѓани со двојно државјанство кои се имаат вакцинирано во Србија.

Во Куманово според моите информации досега имаме некаде околу 100 вакцинирани лица, тоа претежно луѓе кои работат во здравствениот систем. Дефинитивно постапката за имунизација оди споро, претпоставувам и недостатокот на вакцини  е проблем, иако за тоа треба здравствените власти да го дадат вистинскиот одговор. Во овој момент, не само Македонија туку човештвото нема друго решение, освен да практикува тоа што се практикувало секогаш, а тоа е масовната имунизација. И ние го очекуваме моментот да се подготвиме да спроведеме една таква имунизација откога ќе ги добиеме вакцините, а што ќе се случува во делот на науката и мутациите тоа се веќе нови предизвици, рече Димитриевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.