Кризниот штаб на Општина Тетово после подолга пауза повторно денеска имаше седница од која, поради сериозната епидемиолошка состојба во Општината, е испратено барање до Министерството за образование и наука (МОН) почетокот на учебната година да започне со онлајн настава наместо со физичко присуство на учениците.
Со оглед на отежнатата епидемиолошка состојба во Тетово и Полог, бараме од Министерството за образование, Кризниот штаб при Владата и Комисијата за заразни болест на три недели да го одложат почетокот на учебната година со физичко присуство за сите три нивоа на образование: основно, средно и високо. Апелираме и до другите општини во Полошкиот Регион да го поддржат ова барање. Ова го бараме затоа што претставниците од Клиничката болница нѐ известија дека освен што има лица заразени со ковид-19 над 18-годишна возраст веќе има и точки во Општината каде има заболено и деца. Ние се движиме кон пикот и затоа треба сѐ да направиме овие три недели децата да останат надвор од овие движења и да спречиме можни инфекции и кај нив. Исто така бараме целиот образовен персонал во основните и средните училишта во Општина Тетово да завршат со процесот на вакцинација до почетокот на учебната година. По овој рок ќе се бара секој невакциниран просветен работник на секои 72 часови да приложува доказ дека не е заразен, односно негативен тест кој ќе го прави на свој трошок. Ние, како локални авторитети ова и ќе го спроведеме“, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи која е и раководителка на Кризниот штаб на Општината.
Од Кризниот штаб исто така најавуваат дека вакциналниот пинкт во спортската сала на средното медицинско училиште „Никола Штеј“ наскоро треба да се затвори, бидејќи ќе започне учебната година и најави отварање на три нови пунктови во Тетово и Порој.
Започнуваме со отворање на нови пунктови за вакцинација. Од утре почнува со работа вакцинален пункт кој се наоѓа во зградата на Музејот на тетовскиот крај, порано Дом на АРМ. Овој пункт ќе работи во три смени од 8 часот наутро па сѐ до полноќ. Пункт за вакцинација ќе има и во амбулантата во село Порој. Како трет пункт, кој ќе биде отворен од наредната недела, ќе се наоѓа во Домот на културата и тој ќе биде наменет само за ревакцинацијата, додаде Арифи.
Според податоците од Кризниот штаб на Општина Тетово, во овој момент во Клиничката болница во Тетово хоспитализитани се 121 пациенти и се на кислородна поддршка, додека во последните 24 часа починати се 5 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.