Три важни документи, со кои располага и Обвинителството, покажуваат дека македонските здравствени власти, на чело со Ден Дончев, сепак се обиделе да ја исплашат компанијата „Диаверум“ да не инвестира во Македонија. Тоа самото по себе е зло, но постојат и сериозни индиции дека целиот притисок е извршен за да се рекетираат лица инволвирани во зделката. Обвинителството има сознанија и за документите и за наводите за рекет.

Добра вест за задоволните дијализно болни пациенти во земјата – пред извесно време, Фондот за здравство (ФЗОМ) конечно склучил годишен договор со светски познатата шведска компанија „Диаверум“, еден од двајцата провајдери кои вршат вакви услуги во Македонија, врз основа на концесија издадена уште во 2014 година.

Како што веќе пишував лани во септември-октомври, „Диаверум“ се појави на македонскиот пазар на медицински услуги откако ја купи компанијата „Метрополитен“ односно „Диамед“, која во 2014 година беше една од двете македонски компании кои го добија тендерот на Министерството за здравство за третман на дијализно болни пациенти. Во 2017 и во 2018 година, сопственичката на „Диамед“ Вера Иванова и Швеѓаните водат успешни преговори и по многу перипетии и непријатности, на кои ќе се потсетиме подоцна, „Диаверум“ почнува да пружа услуги во земјава на денот на аквизицијата, 25 октомври 2018 година. И пред таа промена, практично со реализацијата на концесискиот договор, сите се среќни и задоволни, а најмногу пациентите, кои конечно добиваат дијализи по европски стандарди. Но, по купопродажбата, почнуваат проблемите за кои пишував лани, а сега ќе изнесам и конкретни докази за вистинските причини за незадоволството на здравствените власти на чело со Ден Дончев, директорот на ФЗОМ.

По склучувањето на концесискиот договор со државата во 2014 година, „Диамед“ склучува и петгодишен договор со Фондот врз основа на кој се пружаат и се наплаќаат услугите. Концесијата предвидува тој договор да се обновува на тој начин што ќе се склучуваат нови договори, на период од една до пет години. Но, откако Иванова легално ќе ја продаде својата компанија на „Диаверум“, таа ќе падне во немилост на локалните сиви еминенции кои очигледно не се нашле себеси во зделката. Ден Дончев и Фондот нема да склучат нов договор со Швеѓаните, туку со неколку последователни тримесечни анекси на постоечкиот договор со „Диамед“, ќе обезбедат редовно пружање на услугите и нивна исплата. Странскиот инвеститор се држи „на кратко јаже“, се до завршување на започнатата истрага, при што главното сомневање е дека тендерот во 2014 година бил божем наместен.

И еве сега, по склучувањето на првиот едногодишен договор меѓу Фондот и „Диаверум“, веројатно можеме да заклучиме дека сепак нема ништо спорно со тендерот, а ни со самата купопродажба. Јас не верувам дека велечесниот Ден Дончев би бил будала да склучи договор со фирма што пружа здравствени услуги врз основа на незаконски и криминален тендер, со странска фирма која претходно купила фирма од македонски сопственик на нелегален начин. Или и тоа е можно во Македонија?

Документи за обидот да се спречи шведската инвестиција

Но, да оставиме за ова да размислуваат надлежните органи. Иванова има гранитно цврсти аргументи во рацете и спокојно го очекува исходот од истрагата. Наше е вниманието да го насочиме кон фактот на кој упатува овој нов позитивен момент во односите меѓу државата и шведскиот инвеститор – што беше вистинската причина да се направи се што е можно и неможно за да се спречи шведската инвестиција во Македонија и зошто на продавачот му се замрзнаа легално заработените и легално пријавени и оданочени 11,5 милиони евра од оваа аквизиција, инаку убедливо најголемата странска инвестиција во здравствениот сектор во земјава во 2018 година?

Еден дел од одговорот на оваа дилема можевте да го прочитате во моите написи, кога обелоденив дека против двајцата водечки луѓе во здравствениот сектор е поднесена кривична пријава, во која оштетената Иванова тврди дека сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик. Да потсетам, во пријавата се тврди дека тие здружено презеле дејствија со кои ги оштетиле и неа, но и Буџетот на Република Македонија, во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија.

Тогаш директорот на Фондот за здравство, Ден Дончев, одржа спектакуларна прес-конференција, на која се обиде тоа да го демантира, но „успеа“, всушност, само да ги потврди обвинувањата во спомнатата кривична пријава, односно да признае дека како овластено службено лице, директор на Фондот за здравство, се потрудил да ја одврати компанијата „Диаверум“ од планираната купопродажба во Македонија, укажувајќи на некои наводни ризици. Тогаш со Дончев полемизирав потпирајќи се на наводите од кривичната пријава и на неговите изјави, но сега, во оваа сторија од три продолженија, ќе се повикам на документи, кои, колку што ми е познато, ги има на располагање и Обвинителството.

Станува збор за три важни документи. Првиот е писмо од 1 ноември 2018 година, упатено од Министерството за здравство до Даг Андерсон, главен менаџер и претседател на „Диаверум“ ((архивски заведено под број 17-7899/1). Ова писмо е проследено и до Матс Стафансон, тогашниот шведски амбасадор во Македонија. Детаљи од овој документ ќе презентирам во денешниот текст. Утре ќе ви го презентирам одговорот на компанијата „Диаверум“ на ова писмо, а во третото продолжение, в петок, следи вистинска посластица – документ во кој се изнесуваат наводи за рекетирање на поранешниот сопственик на „Диамед“, наводи кои можат да имаат третман на многу сериозни индиции. Станува збор за документ поврзан со проширувањето на кривичната пријава, во кој се спомнува и деновиве во судниците популарниот Зоран Милевски Кичеец.

Истрагата „предвидена“ речиси една година пред да почне?!

Да тргнеме од писмото до Андерсон. Во него се потсетува на средбите помеѓу првиот човек на шведската компанија и Ден Дончев, премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче на 25 и 31 октомври 2018 година. Во моите написи за аферата објавени пред неколку месеци, јас пишував за овие средби. Според моите тогашни сознанија, на тие средби, Швеѓаните од премиерот Зоран Заев добиваат силна поддршка за инвестицијата, но Ден Дончев ги пречекува со студен туш. Министерот Филипче дејствува формално, во склад со својата позиција шеф на ресорот здравство, без индиции за негова лична инволвираност во игранката.

Според кривичната пријава на која се повикував тогаш, на средбата со инвеститорите, Дончев изнел куп лаги за продадената фирма, како за сопственоста, така и за постапката за добивање на концесијата, а најважно е што изнел и клевета дека против фирмата се води истрага. Подносителот на кривичната пријава тврдеше дека Дончев ги опоменал странските инвеститори дека ако ја купат фирмата „Диамед“, ќе имаат проблем со наплатата на услугите за дијализа. Според моите сознанија, за исходот од овој разговор бил информиран и тогашниот шведски амбасадор Стафансон, кој, запознаен со долгиот процес на финансиска и темелна ревизија на македонската компанија од страна на инвеститорот, бил крајно изненаден од она што го разбрал.

Но, ајде сега да видиме што пишува во писмото до Андерсон, во кое се спомнуваат тие средби.

Министерството за здравство ја известува компанијата „Диаверум“ дека се води „кривична истрага“ за компанијата „Диамед“, со која Швеѓаните сакаат да склучат договор. Во писмото – многу индикативно! – се спомнува и некое друго писмо од 22 јануари 2018 година, адресирано до шведскиот амбасадор, во кое имало предупредување за „потенцијални криминални активности на Диамед Македонија, компанијата што сакате да ја купите“. Во писмото од 1 ноември се сумира дека тие активности се однесуваат на „измамничкиот, корумпиран и наместен тендерски процес“ и на „злоупотреба на должноста на службени лица од највисоко ниво во Владата (на Никола Груевски – м.з.)“, за кои во писмото се додава дека биле „крајните корисници сопственици на Диамед Македонија, кои направиле заговор да ја трансферираат концесијата за свој бенефит“.

Министерството во писмото ги предупредува Швеѓаните и на можните „правни последици“, кои го засегаат договорот за концесија, а се спомнуваат казнени провизии и поништување на договорот. Можат да се прочитаат и суптилни закани со кривични санкции за потписниците на купопродажниот договор меѓу „Диамед“ и „Диаверум“, како и со „кривични обвиненија за личности и правни субјекти кои учествувале, асистирале и помагале да се изврши измамнички и корупциски активности или перење пари“.

Конечно, а и најинтересно, е што во делот на правните последици, во ова писмо од 1 ноември 2018 година, се спомнува и „судскa наредба за забрана на трансферот и замрзнување на имотите на било која личност или компанија поврзана со ова“. Ваквата одлука за замрзнување на сметките на продавачот во банка во Монако и во банка во Скопје навистина е донесена од страна на судот, но на 13 ноември истата година. Како можеле Ден Дончев и другите актери во оваа афера да знаат како ќе постапи судот?

Кои се „пациентите“?

Навистина е чудно, како можело во ова писмо од 1 ноември 2018 година да се каже дека постои „кривична истрага која е во тек“, ама со детаљи од истрагата за кои веќе бил информиран шведскиот амбасадор уште на 22 јануари 2018 година? Предистрагата на ОЈО е покрената еден ден по потпишувањето на купопродажниот договор (значи, на 26 октомрви 2018 година), а Основното јавно обвинителтво до Фондот за здравство прв пат податоци побарало во декември 2018 година, после ова писмо. Како можело здравствените власти да ја „предвидат“ истрагата безмалку една година пред таа да почне? И ако уште во јануари 2018 година имале сознанија за наводни криминални дејствија какви што се опишани во писмото, зошто не пријавиле во Обвинителството? Или можеби некој пријавил, па сега задоцнето ќе се сети дека ја исполнил својата граѓанска должност? Да не заборавиме дека предистрагата била покрената наводно „по допрен глас“ од засегнати пациенти. Сигурни сме, богу фала, дека Ден Дончев не е меѓу пациентите.

Лесно може да се замисли каков шок предизвикало писмото од Македонија во компанијата „Диаверум“, упатено до неа само неколку дена откако таа веќе го извршила преземањето на локалниот провајдер на услуги за дијализа. Наместо честитки, во писмото лесно се читаат суптилни закани, зашто се говори за „наместен тендер“, за „казнени провизии“, за „асистирање“ и „помагање“ во вршење на наводни кривични дела и слично. Да не е „Диаверум“ сериозна компанија каква што е, да не им биле расчистени сите сомневања и изревидирани сите есапи после оние средби со локалните џамбази од власта, Швеѓаните би фатиле џаде и никогаш веќе не би помислиле на бизнис во Македонија.

Педантните Швеѓани сигурно ја забележале и збрката со датумите, која укажува на таинствените „способности“ на луѓето од извршната власт во Македонија да „предвидуваат“ истраги и судски одлуки. И секако, сфатиле дека предупредувањата и заканите не се однесуваат само на фирмата продавач, туку и на нив, како странски инвеститори во Македонија.

Но, нема потреба ништо да замислуваме во врска со тоа како компанијата „Диаверум“ ја доживеала оваа комуникација – зашто возвратното писмо од Андерсон до Филипче е документ што исто така го поседувам и ќе го презентирам во утрешното продолжение. Самите ќе прочитате како се чувствувал првиот човек на светски познатата компанија и дали кореспонденцијата со македонските здравствени власти ја сфатил како добронамерно укажување или како притисок. И ќе дознаете како одговорил.

(Во утрешното продолжение: „Диаверум“ до другарчињата – не ни дадовте никакви докази за обвинувањата!)
Пишува: Бранко Героски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.