Ќе се стави ли на Комисијата за заразни болести, на висина на задачата и да побара одложување пописот, со оглед на фактот дека епидемиолошката состојба со корона вирусот се влошува, болнички кревети во болниците се помалку има, а вакцини за имунизација на населениот нема ни на повидок.

Со оглед на фактот што комисијата препорача, а владата одобри во земјава да се воведе полициски час кој трае од десет часот вечерта до пет часот во утринските часови, како рестриктивна мерка поради ширењето на вирусот, особено британската мутација која е поопасна од досега постоечкиот Ковид-19, некако не е во ред во ваква ситуација на луѓето дома да му влегуваат невакцинирани попишувачи.

На ова остро се спротивставија и луѓето од здравствената фела. Голем број на доктори кои се на првата борбена линија со вирусот, јавно на социјалните мрежи се спротивставуваат на идејата власта ноќе да не држи под клуч со полициски час, а дење по тројца попишувачи, невакцинирани, во услови кога ковидот зема замав, да влегуваат во домови во кои има стари, изнемоштени, хронично болни луѓе, а и деца.

Докторите апелираат до власта да не го жртвуваат народот, а и здравствениот систем кој се бори со последни сили и да го одложи пописот. Тие бараат без масовна вакцинација да нема попис, само така најмногу можеме да ги заштитиме македонските граѓани.

Од друга страна, одложување на пописот за неколку месеци поради состојбата со корона вирусот, побара и претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Одложување на пописот бара и најголемата опозицијата партија во државата, ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот претседател, Христијан Мицкоски од инфективната Клиника, каде што лежи поради заразата со корона вирусот, испрати писмо до меѓународниот фактор во кое што ги извести дека Македонија, како и остатокот од Светот се соочува со нов бран на КОВИД 19. Но во исто време државава се наоѓа на дното во Европа по број на вакцинирани, при што побара прво во Македонија да се спроведе масовна имунизација, консензус и одложување на пописот за во септември и локалните избори да се организираат во ноември.

„Борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостаток на вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик за јавното здравје. Јас не се сомневам во потребата од кредибилен попис, но во овој момент не е време за истиот. Ние мора да сме фокусирани пред се на борбата против здравствените предизвици кои се пред нас. Откако ќе се надмине здравствената криза ние можеме повторно да се насочиме на пописот“, пишува Мицкоски во писмото.

Одложувањето на пописот не го исклучува ниту Државниот завод за ревизија. Директорот Апостол Симовски, вчера истакна дека пописот би се одложил ако Комисијата за заразни болести (КЗБ) предложи дека не е безбедно да се спроведува.

„Единствените коишто можат да предложат одложување на пописот поради Ковид-от е Комисијата за заразни болести, ако оценат дека ситуацијата е таква да не може да се контролира, треба да дадат препорака до Владата за да се донесе таква одлука, изјави Симовски за Канал 5 телевизија.

А ситуацијата ко корона вирусот на терен е лоша. Имаме истоштен медицински персонал, воедно и во добар дел од болниците имаме и заразени здравствени работници, болниците почнаа да се полнат при што во болниците во Охрид, Кавадарци, Прилеп и други веќе нема слободни болнички кревети. Исполнети се и модуларните болници во неколку регионални општи болници, а во ковид центрите во скопските болници бројот на слободни кревети од ден во ден се намалува.

Со ваква загрижувачка состојба, повеќе од неопходно е КЗБ да побара одложување на пописот, затоа што неговото спроведување може да го клекне здравствениот систем, а со тоа и државата. Сега останува да се види дали комисијата ќе се стави на висина на задачата и ќе побара негово одложување или, како што и до сега делуваше и за што од опозицијата беше обвинувана дека подпаднала под политичко влијание, ќе продолжи да спроведува политички нарачки.

Вчера и владата на Србија донесе одлука за одложување на пописот поради состојбата со корона вирусот и покрај тоа што таа е лидер во Европа по вакцинација на своето население.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.