Бугарскиот европратеник од партијата ГЕРБ, Андреј Ковачев, на политичкото собрание на ЕПП во Брисел се сретнал и со Гордана Силјановска Давкова, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за претседателските избори. По разговорот со неа тој се огласи на социјалните мрежи и кажа дека нема да ѝ даде поддршка поради тоа што не го прифаќа Договорот за добрососедство.

Денеска, во рамките на политичкото собрание на ЕПП во Брисел, се сретнав со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија, г-ѓа Гордана Силјановска-Давкова. За жал, г-ѓа Силјановска-Давкова со мене сподели многу коментари во врска со Договорот за добрососедство со Бугарија и има поинакво мислење за историјата. Искрено, жал ми е што негативниот став кон Бугарија наследен од времето на комунистичка Југославија и зацврстен во времето на Никола Груевски, сѐ уште доминира во главите на многу луѓе во Македонија. Поддршка за спогодбата со Бугарија, усвојување на нашата заедничка историја и запирање на говорот на омраза против Бугарија се базичниот минимум за секој во Македонија кој ја сака и очекува нашата поддршка и пријателство. Според ова, јас и партијата ГЕРБ, тешко дека ќе дадеме поддршка за оваа кандидатка!, напиша Ковачев на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.