Честитки за храброста на Љубчо Георгиевски. Тој веќе е брутално нападнат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, што за жал покажува колку е отровно политичкото опкружување околу Вардар. Ова го изјави бугарскиот европратеник и вицепремиер на Европската народна партија, Андреј Ковачев по повод вчерашниот предлог на Георгиевски.

Поранешниот македонски премиер предложи да се понудат гаранции дека Македонија нема никакви претензии кон Пиринска Македонија и дека нема да поддржува организации за македонските малцинства. Бугарскиот парламент да усвои декларација во која се наведува дека поимите македонска нација и македонски јазик се однесуваат само на нацијата и јазикот создадени по 1944 година. Македонските учебници да бидат исчистени од навреди кон Бугарите. Македонија да го признае масакрот и прогонот на македонските Бугари по 1945 година. Јавно да објави дека Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров и други биле учители на Бугарската егзархија.

„Некои елементи од предлогот на господинот Георгиевски да се излезе од ситуацијата во која се најде Владата на РСМ, откако тврдоглаво одби да го спроведе Договорот за пријателство и добрососедство повеќе од три години, не се нови. Признавањето и на современата реалност и на историските факти мора да одат рака под рака, како што е запишано во договорот. Многу од неговите идеи покажуваат вистинско разбирање за реалниот проблем меѓу нашите земји и претставуваат сериозна основа за изнаоѓање политичко решение“, вели Ковачев.

Тој додава дека Бугарија ги препознава новите реалности – создавање на современ македонски јазик и модерна македонска нација по 1944 година.

„Македонија мора формално да се одрекне од сите територијални претензии кон Пиринска Македонија, како и од какви било барања за македонско малцинство во Бугарија. Да, историчарите мора брзо да најдат јасно решение за општата историја, засновано врз оригинални документи од соодветната ера, за да потврдат како се дефинирале Гоце Делчев, Даме Груев и другите фигури на БМРОК / ТМОРО / ВМОРО / ВМРО. Сите тие се декларираа како етнички Бугари, и служеа на бугарската држава, на бугарската војска, на Бугарската егзархија, предаваа во бугарски училишта, пишуваа, зборуваа и го нарекуваа нивниот јазик бугарски, и сега тие се заеднички предци на двата модерни народи, без разлика дали го дале животот за слободата на Македонија и Одринска Тракија!“, вели Ковачев.

Бугарскиот европратеник објаснува: „Да, злосторствата на комунистичкиот режим на Тито против македонските Бугари (без оглед на бројот на жртви) мора да бидат разјаснети и признаени!“, вели тој.

Понатаму додава дека македонските учебници и книги мора веднаш да се исчистат од сите термини навредливи за Бугарија и Бугарите, како што се Татари, фашисти, окупатори итн.

Инфраструктурата, како и соработката во економската, образовната и културната сфера, мора да бидат апсолутен приоритет за владите на двете земји, без оглед на темпото на напредок, стагнација или „заостанување“ во врска со историскиот спор, додава тој.

Според Ковачев, Георгиевски не е во право, или барем не е доволно јасен, кога зборува за обид на „македонските преродбеници“ да кодифицираат заеднички јазик со бугарскиот во 19 век.

Ковачев му заблагодари на Герогиевски за предлозите.

„Овие предлози се навистина добар почеток. Се надевам дека властите во Македонија ќе ја слушаат неговата мудрост пред да заминат да го распнат на крст“, рече европратеникот и потпретседател на Европската народна партија Андреј Ковачев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.