Историчарката Наташа Котлар од Институтот за национална историја денеска се обрати пред Владата на граѓанскиот собир „Или Заев или Македонија“. Професорката го започна говорот со мисла на Блаже Конески, „Како се измешал светот, косата да ти се крене!… Како да не бидам тажна, штом гледам што е нашево сега, нашето минато“.

Иако сме различни по идеја и акција, сепак не’ поврзува загриженоста за македонските работи и револтот против оваа октроирана власт! Не е попусто онаа стара поговорка: „Слогата ја јакне Татковината“! Бездруго најсакан и најпочитуван треба да биде зборот на слогата – ТАТКОВИНАТА, со ништо не се премерува: тука сме родени, ќе умреме тука! Затоа, јас ќе ви говорам за она што најдобро умеам, а тоа е историјата на македонскиот народ и неговите борби, рече Котлар.

Таа го спомена својот тетин Петре Пирузе Мајски, легенда во Дебарца.

Зошто ви го спомнувам него? Бидејќи неговата животна сторија ја отсликува и нашата сегашност. Човек, кој што успеа и со дело и со акција да направи посебна зона во западниот дел на Македонија, каде што се формираа партизанските одреди „Славеј“, „Јане Сандански“, баталјонот “Мирче Ацев” и Македонско-косовската бригада. Ја спомнувам оваа народна војска, бидејќи таа е една и од најважните чинители на она што претставува држава. Следното е што на таа територија, за прв пат се одржува еден Свештеничкиот собир во светото Издеглавје, што значи се создава првата ќелија за Автокефална македонска црква. Еве ви го и вториот чинител на она што претставува чинител, важен за една држава. Но, и третиот да ви го спомнам, а тоа е АСНОМ. Петре Пирузе заедно со Методија Андонов Ченто и Панко Брашнаров се АСНОМЦИ. Иако се различни, тие се прекрасни и учени луѓе, но сложни! Затоа што несат државотворни одлуки, и ќе ви ги спомнам. Прво, што АСНОМ е највисоко, законодавно, извршно и народно претставничко тело. Тоа е нашата највисока власт.

 

Таа нагласи дека важна е одлуката за македонскиот јазик.

Македонскиот јазик е признаен за службен јазик на македонската држава, а не како сега каде што е скршена неговата интегративна моќ во нашето општество. Следното е што нашиот Илинден е определен за народен и државен празник, односно преведено на современ јазик, национален празник. Илинден е семејна историја на многу генерации но, таа е и наша вистинска историја која не може да подлегне под никакви политички притисоци, а најмалку да биде заеднички. И уште нешто да ви спомнам, таму има една премногу авангардна мисла  тоа е декларацијата за правата на народот и граѓаните независно од верска национална и друга атрибутска определеност, односно мислеа да градат вистински парламентарен  живот и вистинска демократија, што не им беше овозможено и затоа завршија на Голи Оток.

Таа нагласи дека тие луѓе покажале висок државнички капацитет, за разлика од државниот актуелен политички врв кој демонстрира безобразно однесување во однос на македонските вредности, а тоа се македонскиот јазик, македонската историја, македонските културни вредности и се она што нас не прави Македонци, со посебна историја и посебен историски развој.

Ова немојте да го заборавите, бидејќи флоскулата, „идентитетот нема да биде спорно прашање“ е само мамка. Мамката е во тоа што, ако го засегнете јазикот и историјата, па што ќе ви остане во идентитетот. Од тука, само сакам да ви покажам, дека ни е потребна една огромна мудрост бидејќи, како што вели Кочо Рацин, борбата ќе е тешка и сеуште има некој кој „чекајушти“ и „желајушти“, некој кој што ќе ја донесе слободата или промената од надвор. Не, таа доаѓа од народот. Исто онака како што Прометеј ја добиваше својата сила, секогаш кога ќе се наведнете долу до својата мајка земја до Геја, никогаш не заборавајте дека силата доаѓа од народната низина! И на крај сакам уште нешто да ви кажам, внимавајте на своите зборови, бидејќи зборовите стануваат акција, а акцијата станува навика, а навиката станува карактер, а карактерот може да ви биде судбина. Имајте ги во предвид овие мудрости. Ова нека биде само еден дел од моето обраќање кон вас. Бидете живи и здрави, и секако вечна да е Македонија!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.