На изјавите од бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов за револуционерот Гоце Делчев при промоцијата на неговата книга во Битола, реaгираше историчарката Наташа Котлар. Таа не Фејсбук напиша:
Со повод за ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
Историјата е научна дисциплина, која има свои принципи и методи на истражување и на пишување. Ова повеќе го велам заради бугарскиот гостин во Битола, кој даде намерно симплифицирани реплики за историјата, дека во документите има факти и тие треба да се земат здраво за готово, односно за бугарскиот карактер на Гоце Делчев и воопшто на нашата историја!? Тоа е исто, кога би му рекле на еден градител: „ова се цигли, железо, песок, ќерамиди, што значи имаме куќа“. Историјата е научна област која се занимава со животот, неа ја ткаат емоции, идеи, верувања и карактери. Еден таков е и Гоце Делчев (1872–1903) кој е еманација на вековниот стремеж на Македонецот за слободен културен, економски, политички, социјален и народносен развиток. На 4 февруари одбележуваме 148 години од раѓањето на овој одважен борец за народни права, идеолог и водач на македонската револуционерна борба. Уште како 25-годишен, станува име на општонародната легенда, а неговата биографија е пространата историја на македонското револуционерно движење. Заслугата на Гоце, бездруго, највеќе се огледа во фактот што успева бунтовната стихија на народниот гнев да ја скроти и упати низ логиката на организираната револуционерна акција. Тој не наметнува свои програми или погледи, туку пред сè е изразител на желбите и стремежите на народот и неговиот глас. Тој е изразител на македонската низина, на македонската селанска маса, овоплотувач на нејзините процеси, но истовремено близок на сфаќањата на македонските социјалисти, чиј принцип исто така е ослонување на сопствените сили, т.е. дека „Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци“, дека „Македонија не им припаѓа ниту на Србите, ниту на Грците, ниту на Бугарите, туку си припаѓа сама на себеси“. Гоце е револуционер од конкретен тип, во агитацијата пред народот, тој постојано повторува: „Не ни ги слушајте проповедите, гледајте ни ги делата!“ Оттука следи, дека единствениот чесен начин за чествување на неговиот спомен е да се следи неговиот пример и да се прегрнат неговите завети – напиша Котлар на Фејсбук.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.