Новиот градоначалник на Општина Струмица, Костадин Костадинов, формално ја презема градоначалничката функција од Коста Јаневски.

Костадинов порача дека на својот претходник искрено му благодари за поддршката и соработката.

Свесен сум дека од мене како градоначалник на Струмица се очекува градот и општината да одат напред. Тоа што е создадено да се одржи и развие, но и да се проектира и создаде многу ново. Јас сум подготвен – порача Костадинов на социјалните мрежи.

Тој денеска официјално ја презеде функцијата градоначалник на Општина Струмица и порача дека заедно со неговиот тим продолжуваат со реализација на визијата за уште помодерна и поевропска општина Струмица.

Продолжуваме понатаму – уште подобро, уште повеќе, уште поенергично! Тука сум и почнав. Интензивно, точно и навремено, со максимална транспарентност и отчетност. Затоа што мора потребите и условите за живот на сите полови и старосни категории граѓанки и граѓани, буквално на сите жители кои живеат на територијата на Општина Струмица да бидат уважени – нагласи Костадинов.

Тој посочи дека во претстојните четири години ги очекува многу работа за да биде реализирано сето она кое веќе е разговарано.

Секако, тука нема да застанеме. Напротив, продолжуваме, на таков начин и со дијалози, со уште посилно темпо. Со слух за вашиот глас, со отворена врата и со активна работа ‐ не само од канцеларија, туку и посветено, на терен, го ставам фокусот на приоритетите и реалните потреби во нашата општина.

Затоа што само заедно можеме да ја создадеме најдобрата верзија на нашата Струмица – вели Костадинов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.