Портпаролот на СДСМ Коста Костадинов на прес-конференција вчера потврди дека врз функционери на ВМРО-ДПМНЕ се спроведува класичен политички прогон.

На локално, општинско ниво од страна на градоначалници, општини и други надлежни институции до денес поднесени се речиси 300 кривични пријави против поранешни градоначалници, претседавачи на совети и раководители на локално ниво, кадри на режимската ВМРО-ДПМНЕ. Од 300 кривични пријави, досега се процесирани 129 кривични пред надлежни судови, рече Костадинов.

Тој е незадоволен од степенот на реализација на кривичните пријави поднесени од СДСМ, за што го обвини, како што рече, Сваровски-судството.

Опструкциите на последните остатоци на заробената држава во судството и обвинителството, многу предмети ги чуваат заглавени во судско-обвинителските лавиринти. Структурите од сваровски судството ја опструираат правдата на секое ниво. Ова е само уште еден доказ за потребата од прочистување и темелни реформи во правосудството. Надлежните обвинителства и судови мора да ја зголемат својата ефикасност и да постапуваат по отворените предмети. Ова е важно затоа што се работи за висока корупција каде се инволвирани носители на јавни функции, рече Костадинов.

Процесите мора да добијат правен епилог, рече тој.

Бројот на поднесени и процесирани кривични пријави го покажува степенот на криминал во ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, реагирараат дека станува збор за силување на правдата и политички прогон за сите оние кои се неистомисленици на Зоран Заев и СДСМ.

СДСМ е партија водена од аболициран криминалец која што изминатите три години ги злоупотреби судството и обвинителството да ги претвори во продолжена рака за нивното погубно политичко дејствување. Докази дека судството и обвинителството се ставени под капата на Заев и СДСМ има многу. Нема никаква правна разврска за случајот во кој Заев јавно повикуваше на изборна корупција, нема никаква правна разврска за градоначалникот Курто Дудуш, кој затвори и тепаше граѓанин во неговата градоначалничка канцеларија. Нема никаква правна разврска за скандалот „Леонардо“, во кој до гуша е заглавен генералниот секретар на владата, Драги Рашкоски. Нема никаква правна разврска за мафијашките пресметки по градските улици и хотели во Скопје. Нема правна разврска ниту за крвавиот тендер, ниту за „Рекет 2“, ниту за случајот „Инсулин“ и другите афери во кои директно се врзува и министерот Венко Филипче. Нема правна разврска за уште десетици други афери и скандали во кои што функционерите на СДСМ се вмешани, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.