Во Владата е конституиран Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, самостоен стручен орган кој ќе работи на обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование.
Националниот совет има обврска еднаш годишно да ги информира Собранието и Владата за предлог-мерките, решенијата и препораките што ги дал за подобрување на високообразовната дејност. Се формира согласно Законот за високо образование и е составен од 15 члена – 12 професори, и по еден член од МАНУ, од деловната заедница и од студентите.
Министерката на образование и наука Мила Царовска на членовите на Советот им го честиташе изборот во едно од најзначајните тела за високото образование и научно-истражувачка дејност.
Исправени сте пред бројни и разновидни предизвици кои ги вклучуваат квалитетот во високото образование и истражувањата, придобивките за студентите и деловната заедница, квалификациите, студиските програми. Вашата стручност и компетентност, на чии принципи се темели вашата работа и одлуки, треба да овозможат водење политики чија примена ќе има цел ставање на високото образование во служба на општеството и неговиот развој, рече Царовска.
МОН информира дека со оглед на тоа што нашата држава членува во Болоњскиот процес, високообразовни политики треба да бидат втемелени на документите усвоени во тие рамки како и на анализите, препораките и ставовите на Европската универзитетска асоцијација (ЕУА), Европската студентска унија (ЕСУ), Бизнисевропа, Советот на Европа и слични организации кои се, исто така, членки на Болоњскиот процес.
Исто така, корисни можат да бидат примерите од другите земји, но, како што нагласи Царовска, само како инспирација во воспоставувањето на решенија кои ќе бидат наши, сообразени на контекстот во нашата држава.
Меѓу приоритетните задачи на кои треба да работи Националниот совет, наведува МОН, се незадоволителните оценки на квалитетот во високото образование, како и прашањата поврзани со студентите, како што се проодноста и нивниот стандард, а негов придонес се очекува и во подготовката на новиот Закон за научно-истражувачка дејност.
Нашите очекувања, кратко кажано, се мошне едноставни, препознавање и насочување на расположливите ресурси во насоки со најголеми придобивки и пронаоѓање нови кои ќе постават сигурна основа за натпревар и развој, рече министерката Царовска.
Ккао што додава МОН во соопштението, од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност се очекува дека ќе овозможи унапредување на финансиската автономија на универзитетите.
Советот предлага Уредба за мерила и критериуми за финансирање на високото образование, која потоа ја носи Владата врз основа на годишните финансиски планови на високообразовните установи, кои содржат број на студенти, тековни трошоци, реални трошоци за спроведување на секоја студиска програма и инвестициски трошоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.