Конфликтот меѓу Српската православна црква (СПЦ) и Македонската православна црква (МПЦ) трае повеќе од 50 години и вселенскиот патријарх сака да посредува. Но, за суштинско надминување на судирот потребни се други посредници, се сугерира во анализата на германската фондација „Конрад Аденауер“, што ја пренесува Дојче веле на српски јазик, јави допсиникот на МИА од Белград.
Црковниот спор како наследство на социјалистичката држава – тоа може да звучи изненадувачки. Судирот меѓу СПЦ и МПЦ, сепак не е резултат на распадот на Југославија. Создаден е на крајот на 1960-те и е дел од наследството на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и Социјалистичка Република Македонија .
Тоа е вовед во анализата составена за фондацијата „Конрад Аденауер“ блиска до германските демохристијани (ЦДУ) од страна на д-р Отмар Еринг, координатор на Фондацијата за меѓународен верски дијалог.
Авторот најпрво ја наведува историската позадина – од доделувањето автокефалност на Охридската архиепископија во 1019 година, преку укинувањето во 1767 година, потоа влијанието на Бугарската православна црква во текот на 19 век и потпаѓањето на територијата на денешна Македонија „вредно два милиони златни франци” по Балканските и Првата светска војна под надлежност на СПЦ, врз основа на томос издаден во 1920 година од Васеленската патријаршија.
За време на Втората светска војна, територијата повторно беше под јурисдикција на Бугарија, сојузник на Силите на оската, а потоа на власт во Југославија и во Македонија дојдоа комунистите. Авторот детално го опишува нивниот став кон православната црква преку поглавја под наслови како „Создавање нација и желба за самостојна православна црква“ или „Социјалистичка Југославија како бабица при раѓањето на Македонската православна црква“.
Во 1967 година, на 200-годишнината од укинувањето на автокефалноста, Охридската архиепископија прогласи автокефалност. Српската православна црква тоа не го признава и тој раскол продолжува до денес.
Иако во октомври 2020 година, вселенскиот патријарх одби да ја потврди автокефалноста на Македонската православна црква, коментирајќи дека не станува збор „за автокефалност“, туку за „лекување на расколот“, Вартоломеј сепак се понуди да посредува. Тој предложи претставниците на СПЦ и МПЦ да се состанат во Белград, што Македонската црква го одби, наведувајќи дека тие не се чувствуваат безбедно таму. Васеленскиот патријарх тогаш ги покани двете страни на состанок во Истанбул, но во меѓувреме, на 20 ноември 2020 година, почина патријархот на СПЦ Иринеј, така што состанокот не може да се одржи до изборот на новиот поглавар на СПЦ.
Изборот на нов патријарх на СПЦ на 18 февруари 2021 година, несомнено ќе има големо значење и за внатрешната и за надворешната политика, се оценува во анализата на германската фондација.
За внатрешната политика, важно прашање е дали во иднина, СПЦ ќе има патријарх кој ќе го поддржува националистичкиот курс на претседателот на Србија или тој ќе се движи во друга насока, можеби дури и да демонстрира независност во внатрешната политика и да се покаже како модернизатор на СПЦ. Што се однесува до односите со соседите, изборот на нов патријарх ќе биде исто така многу важен за продолжување на дијалогот и, во идеален случај, решавање на конфликтот меѓу СПЦ и МПЦ, се неведува во анализата.
На крајот, анализата на фондацијата Конрад Аденауер заклучува: „Дури и ако судирот меѓу двете цркви се реши со посредување на Васеленската патријаршија, сепак, останува еден голем проблем: огромната штета предизвикана од долготрајниот конфликт меѓу Македонија и Србија на политичко и социјално ниво мора да се надмине со дијалог. За да се стори тоа, и на двете страни им е потребна секако поддршка и разбирање од упатените модератори и посредници“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.