Градоначалникот на Општина Битола,Тони Коњановски, порача дека со цел надминување на проблемот на затвореност, Општината ќе биде отворена за сите граѓани и таа во иднина ќе биде вистински сервис на граѓаните.
За да може општината да функционира како сервис на граѓаните, најважно е да биде отворена за нив, да ги слушне нивните проблеми, предлози и идеи, со цел да се спроведат потребните мерки за понатамошно делување. За надминување на проблемот на затвореност, ја отворивме општината за сите граѓани. Две недели, после моето доаѓањето, организиравме отворен ден, кој ќе биде наша пракса, најмалку четири пати годишно и во понатамошниот период. На отворениот ден се пријавија 100 граѓани, а 87 дојдоа на директна средба – изјави Коњановски.
Битолскиот градоначалник потсети дека ќе продолжи да работи јавно и транспарентно информирајќи за предизвиците со кои се соочува, но и за конкретните решенијата кои ги имплементира општината.
На прес конференција во Битола, Коњановски посочи дека во првите 35 денови од неговиот мандат интезивиран е процесот на издавање решенија за легализација на објекти во градот.
Додека работиме на реализацијата на ваквите крупни цели, потребно беше да воведиме функционалност и едноставно да ги откочиме застанатите процеси во кои не се постапувало, иако согласно законската регулатива, постапувањето е обврска на општината. Ова посебно се однесува на предметите за легализација, од кои еден дел во општината чекаат решавање уште од 2011 година. Од вкупно доставени 17.543 барања, затекнавме нерешени 6.592 предмети. Од вкупниот број барања, во периодот до 2017 година биле решени 10.205 предмети, а во изминатите четири години само 746 предмети. Како нова локална самоуправа, со целосен ангажман на задолжените лица од општинската администрација, веќе се приближуваме до бројката од 1.000 решени предмети по однос на барања за стекнување на правен статус на бесправно изграден објект. Во врска со оваа проблематика, во текот на следната недела ќе излеземе со дополнителни информации – најави Коњановски.
Според градоначалникот Коњановски, првиот голем инфраструктурен проблем и предизвик со кој се соочил само после два дена, a е резултат на долгогодишната негрижа е и проблемот со мостот на реката Драгор кај Безистенот.
Непостоењето на проектна документација, како и лоцираноста во централното градско подрачје, се дополнителни оптоварувања во врска со решавањето на проблемот. Сепак, најдовме ургентни решенија и во изминатиот период покрај што воведовме времен режим на сообраќај, успеавме да завршиме и голем дел од процедурите. Спроведени се потребните испитувања од страна на Градежниот факултет, добиено е потребното мислење од Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод и Музеј, a по спроведената постапка од крајна итност склучeн е договор за изработка на техничка документација и реконструкција на железен мост на реката Драгор. Економскиот оператор во соработка со службите од Општина Битола, кои даваат техничка поддршка, отпочна со изработка на техничка документација. Се прават напори за изготвување на документацијата во што е можно пократок временски рок, за да може истата да се достави до Министерството за транспорт и врски за добивање одобрение за градење. Со ваквата динамика, убеден сум дека набрзо овој проблем ќе биде решен – изјави Коњановски.
На прес конференцијата во Битола, Коњановски истакна дека како дел од развојната програма 2022 -2024 внесени се и два капитални проекти, кои општината ќе ги реализира во овој мандат, а тоа се изградба на објект на противпожарна единица и изградба на спортски комплекс, кои согласно деталниот урбанистички план, предвидено е да бидат изградени на просторот на поранешната касарна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.