Однесувањето на Бугарија е опасно и фрустирачко и за САД, а не само за Македонија вели демократскиот конгресмен од Северна Каролина Дејвид Прајс во изјава за Гласот на Америка. Според него бугарското вето отвара пат и други држави да почнат да поставуваат бариери.

Очекувањата за влез на државата во ЕУ беа поставени пред многу години, а решавањето на спорот со Грција беше гаранција дека тоа ќе се случи. Беа потребни многу години да се реши спорот, и за среќа тоа се заврши. Имаше прашања за целиот процес покренати од Франција и од други држави, и сега оваа серија приговори од Бугарија. Секако и несигурноста дали Бугарија ќе има влада која решително ќе го продолжи ова. Долго време ѝ се давани ветувања на Македонија. Сега да се поставуваат нови препреки е особено фрустрирачки и за нашата држава, и се разбира за Македонија“, вели Прајс.

Тој додава дека Македонија ги направила сите напори и покажала добра волја, но се запрашува зошто токму во овој момент се отвораат прашања за јазикот и културата.

Како некој што го следи ова доста време, преку нашата работа со Парламентот во Македонија, морам да кажам дека Македонија ги направи сите напори и делува со добра волја. Ова е најнепосакувана пречка толку доцна во процесот, вели тој.

Однесувањето на Бугарија, додава, е проблем и за лидерите што ја промовираат европската перспектива и на овој начин тешко е таа да се одржи.

Можеби има сили во државата кои се обидуваат да го искористат овој проблем и да се спротивстават на приклучувањето кон Западот. Тоа нема да биде тотално изненадување, но, се надевам дека таквите сили нема да преовладаат. Тоа ќе биде добро и за Европа и за Македонија. Ова ќе биде важен историски период во кој ќе се утврди правецот на Македонија. Се надевам дека оваа приказна ќе има позитивен резултат, вели Прајс.

Тој рече дека администрацијата на претседателот Џо Бајден верува оти Бугарија ќе делува со добра волја препреките да се отстранат брзо.

Бугарија е наш пријател и сојузник, треба да се надеваме дека ќе се организираат сами како влада за да го разрешат ова многу брзо. Тоа е поглед на нашата влада, и верувам, и се надевам, дека ќе најдеме начини да делуваме да охрабриме овој пристапен процес да биде завршен.

Конгресменот, кој со години работи на реформи во македонскиот парламент, вели дека парламентот треба да биде ефикасен, и да се избегнуваат бојкоти колку што е можно повеќе.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.