На социјалните мрежи вчера кандидатот за градоначалник од СДСМ, Христо Кондовски беше прозван дека пред 18 години сторил кривично дело. Битолчани, денес се прашуват дали Христо Кондовски провали во еден од познатите битолски дуќани за да оствари лична корист, односно да украде стока за себе наместо да ја плати?
Кандидатот за градоначалник на Битола од редовите на СДСМ, Христо Кондовски до медиумите го испрати документот дека неговото име не се појавува во ниту една судска казнена документација, откако се појавија тврдења дека тој наводно бил дел од некаква казнена постапка.
Ваквите тврдења особено се шират преку Фејсбук групите, кои објавуваат наводни вести и информации, преку статуси, монтирани фотографии или видеа… зад кои нема никаква веродостојтоност, а потоа овие тврдења се објавуваат како вести.
„Во дел од медиумите се појави напис со кој се врши дискредитација на кандидатот за градоначалник, Христо Кондовски.
Со цел точно информирање на јавноста, праќаме во прилог документ “Потврда за казнена евиденција” издаден на 9 август 2021 година за лицето Христо Кондовски, кандидат за градоначалник на Битола“, се наведува во соопштението испратено до медиумите од кандидатот Кондовски.
Во документот судот потврдува дека за лицето Христо Димче Кондовски нема евидентирано изречени прасилни осудителни пресуди.
Во интерес на јавноста ја објавуваме и неговата кратка биографија.
Христо Димче Кондовски е роден на 07.01.1986 година во Битола. Тој живее во Битола, оженет е и е татко на три малолетни деца. Основно образование завршува во Битола во ОУ “Даме Груев“, додека пак средното образование го завршува во ДСУ “Таки Даскалот“ во Битола (насока општа гимназија) во 2004 година. Истата година, предводен од ориентацијата на неговото семејство кон економијата, се запишува на Економскиот факултет во Прилеп како студент на насоката за Меѓународна економија и бизнис.
Студиите по економија ги завршува рекордно брзо со висок просек. Дипломира на тема “Meѓународни сметководствени стандарди и нивна примена во РМ”. Уште како студент покажува афинитети кон заедницата и општеството, а истите ги зајакнува членувајќи во Ротаракт клуб Битола од Битола каде подоцна ја извршува и функцијата претседател.
Уште како младинец има значајни контакти со ротаријанци и Ротаракт членови од Македонија и од регионот. Христо е еден од иницијаторите за создавање на асоцијација помеѓу Ротаракт клубовите во Македонија и истовремено еден од кумовите при оформувањето на Ротаракт клубот од Прилеп. Од 2012 година па наваму е член на Ротари клуб Битола од Битола.
Своето образование го продолжува во 2010 година запишувајќи се на постдипломски студии на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Магистрира во 2012 година на тема “Придонес од тимската работа во ефективноста и ефикасноста во осигурителните компании”.
Професионалната кариера ја започнува во август 2008 година како застапник за осигурување во друштвото за осигурување Вардар АД Скопје. Како надворешен застапник со договор на дело има значајни резултати и во 2010 година добива договор за внатрешен застапник каде работи на сите класи на осигурување кај правните и физичките лица.
По одличната кариера во ова друштво и по остварените завидни резултати во 2014 година полага испитот за Осигурителен брокер од Агенцијата за супервизија на осигурување. Во 2014 година, во месец август, на негов предлог и на предлог на неговиот колега Зоран Пејчиновски, а со несебична и јасна поддршка од останатите партнери-акционери се формира СН Осигурителен Брокер АД
Битола од Битола.
Во моментот тој има 35 години и е актуелен кандидат за градоначалник на Битола.
Марица Тодоровска од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција праша дали човекот кој денес објавува дека не е осуден за тешка кражба и се крие зад партиска информација, само заради тоа што поминале 18 години од стореното дело сака да каже дека истото не се случило, односно дека не провалил во битолски дуќан во 2003-тата?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.