Советникот на првиот македонски претседател Киро Глигоров, Живко Кондев се обрати на дебатата на МАНУ насловена „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021“

За неколку месеци се навршуваат 10 години од смртта на Киро Глигоров, кој замина тивко, како што и живееше и беше погребан без државни и црковни почести, по негова желба. Зошто тој се врати во Македонија од Белград на 73 години за да ја преземе претседателската функција? Да направи кариера? Не, затоа што тој веќе имаше богата политичка кариера во некогашната федерација. Да направи пари? Не. Затоа што материјалното никогаш не го интересираше. Кога дојде во Македонија си ја откупи куќата што беше градена за него, одбиваше да живее во резиденции и сам си ги плаќаше режиските трошоци од скромните претседателски примања, за разлика од многу негови колеги во регионот, рече Кондев. како прв говорник на дводневната дебата, во чиј воведен дел се очекуваат и излагања на актуелниот претседател Стево Пендаровски и на неговите претходници Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски.

Кондев рече дека Глигоров, како претседател во два мандати до крајот на 1999 година успешно ги менаџираше меѓуетничките односи, а дека нашата земја беше прва од поранешната СФРЈ, која ја испрати ЈНА без испукан куршум и без жртви.

По распадот на СФРЈ, ни се даде можност сами да одлучуваме за нашата сувереност и независност, што се случи со референдумот. Тоа се направи со ум и разум, наспроти крвавите разврски во дел од поранешните држави. Веднаш се донесе првиот Устав. а во годините што следуваа цврсто се определивме за политиката на мир, рамноправност и соживот. Македонија стана членка на ОН, макар и со привременото име, што се покажа низ времето како вистинска одлука затоа што можеше да се случи да чекаме со години на прием во меѓународната организација, како што чекавме за НАТО, а сега и за ЕУ, како една од стратешките цели што државата си ги постави во почетоците на независноста и за која се надевам дека брзо ќе почне да се остварува, како што се случи и со приемот во Алијансата, рече Кондев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.