Државната изборна комисија (ДИК) денеска донесе препораки и мерки за избирачките одбори за забрзување на постапката за гласање на граѓаните, имајќи ги предвид искуствата од првиот круг на локалните избори. Членовите на ДИК апелираат до политичките партии и кандидатите доследно да го почитуваат Изборниот законик и изборниот молк.
Ги повикаа сите граѓани да излезат на гласање, потенцирајќи дека гласањето е тајно, гласачките ливчиња се заштитени со најсовремени технологии и не е можно на ниеден начин да бидат злоупотребени.
Членот на ДИК Борис Кондарко потенцира дека врз основа на нивните искуства и анализа на работата на избирачките одбори во првиот круг од гласањето, а во функција на забрзување на постапката на гласањето во вториот круг од изборите, ДИК до сите изборни органи достави препораки за работа на избирачките одбори в недела.
Во избирачките места каде што има запишано поголем број гласачи, каде се групирани повеќе гласачки места во еден објект за гласање или во гласачките места каде што ќе чекаат ред за гласање повеќе гласачи избирачките одбори треба да се грижат за организацијата и за редот.
Еден член или заменик на ИО да излезе пред гласачките места, а по потреба и пред објектот за гласање за да им помага и да ги упатува гласачите до нивното гласачко место, поради полесно распоредување и намалување на редот на чекање. ИО во избирачкото место да пушта контиунирано гласачи и тоа веднаш после завршената идентификација на претходниот гласач со техничката опрема, а притоа водејќи сметка зад секој од параваните за гласање да има истовремено само по еден гласач – рече Кондарко.
Понатаму во препораките за забрзување на постапката за гласање до избирачките одбори, се наведува дека идентификацијата со отпечаток од прст во техничката опрема (фингерпринт), ИО да ја врши со по една проверка од секој показалец (десен па лев), а потоа доколку не најде совпаѓање, веднаш да се продолжи со пронаоѓање (идентификација) на гласачот преку МРЗ – читачот на техничката опрема или преку внес на ЕМБГ.
Истовремено додека трае идентификацијата во техничката опрема, членот на избирачките одбори кој ракува од изводот од избирачкиот список, треба да го пронајде гласачот и да го припреми изводот од избирачкиот список, треба да го пронајде гласачот и да го припреми изводот од ИС за ставање потпис или отпечаток. За побрзо или полесно пронаоѓање на гласачите во изводот од ИС, избирачкиот одбор може да стави бележници за означување (стикери) на листовите за секоја почетна буква од презимињата на гласачите – истакна Кондарко презентирајќи ги препораките.
Тој исто така кажа дека доколку има гужва на некои избирачките места, членовите на избирачките одбори не треба да губат време за принтање на статистички извештаи за излезноста, туку тоа да го направат по телефонски пат до општинската изборна комисија.
Кондарко во име на ДИК ги повика и им укажа на сите членови на општинските изборни комисии и избирачките одбори да ги почитуваат сите препораки во својата работа при спроведувањето на избирачки дејствија, да се однесуваат одговорно и професионално без оглед на тоа дали се од составот на администрацијата или се од составот на партиите.
Сите со еднаков статус како изборни органи да го почитуваат законот, да ги почитуваат упатствата и актите на ДИК, како и насоките добиени на обуките, а се со цел да имаме регуларен изборен процес што е од заеднички интерес – рече Кондарко.
Претходно на истата седница беа акредитирани уште повеќе од 300 набљудувчи за вториот круг од локалните избори во недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.