Почетокот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на која пратениците треба да расправаат за потребата за носење на законот за поништување на лустрацијата, денеска е одложен по втор пат. Овој пат за еден час и тоа поради немање кворум, бидејќи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беа во салата каде требаше да се одржи седницата, туку во собранискиот хол.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски го одложи почетокот на Комисијата и ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дојдат на следното продолжение. Тој најави и изјава за медиумите.

Иако седницата на Комисијата на чиј дневен ред е за Предлог-законот за поништување на лустрацијата не започна, пратеници на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ веќе одржаа прес-конференции на кои ги соопштија партиските ставови.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да го поддржи Предлог-законот, додека СДСМ го критикуваше ваквиот став потенцирајќи дека опозициската партија „ја злоупотреби лустрацијата за политички, партиски, па дури и лични цели“. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.