Нема ново опуштање на рестрикциите. Епидемијата стивнува, но антиковид мерките остануваат на сила. Полицискиот час и натаму ќе важи од полноќ до 04 часот наутро, а угостителските објекти ќе работат до 23.30ч.
Од министерството за здравство за ТВ 24 велат дека остануваат да важат истите мерки кои досега беа на сила и апелираат граѓаните да се придружуваат до нив.
Нема промена на мерките кои се во моментов на сила. Продолжуваат и натаму да важат веќе усвоените мерки. Апелираме за почитување на истите, Министерство за здравство.
Во однос на состојбата со болниците пак, според податоците на здравствените власти, значително е намален бројот на хоспитализации. Вкупно 490 пациенти се лекуваат на инфективните одделенија низ земјава, од кои 204 се хоспитализирани во главниот град.
Во ковид центарот во градската општа болница „Осми септември“ во изминатово деноноќие – имало 2 примени пациенти, а 4 биле примени на инфективната клиника.
За прв пат по долго време, во изминативе 24 часа немало ниту еден прием на пациент во интерните клиники. Поради намалениот број на болни, болниците почнаа да ги затвораат дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.
За барањата на угостителите, се уште нема официјална одлука. Од Независната Угостителска Комора бараат повеќе да не се ограничува нивното работно време, да се дозволи жива музика, повеќе лица на маса, како и организирање поголеми прослави според одредени протоколи, но од министерството за здравство не добивме одговор дали овие барања се прифатливи, во овој момент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.