Актуелната состојба поврзана со пандемијата ќе биде тема на денешната седница на Советот за безбедност на Македонија, што ќе се одржи во Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.

Покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на Пендаровски на седницата ќе присуствува министерот за здравство, Венко Филипче.

Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи состанок, на кој ќе се разгледува состојбата со коронавирусот, врз основа на што ќе одлучи дали ќе има дополнување на рестриктивните мерки за заштита од вирусот.

Пред десетина дена, министерот за здравство Венко Филипче најави дека доколку не се намали бројот на новозаразени и на хоспитализирани, можни се нови рестрикции – продолжување на полицискиот час и скратување на работното време на угостителските објекти.

Оваа недела надлежните ја окарактеризираа како критична во однос на натамошното ширење на вирусот во третиот бран, во кој се регистрирани голем број заразени и починати. Бројот на активни случаи во државава изнесува 18 000. Во претходното деноноќие, беа регистрирани нови 303 случаи на коронавирусот од направени 1 405 тестирања, а починаа 41 лице.

Според најавите, од утре треба да стартува имунизацијата со 24 000 дози од вакцината „Астра Зенека“ со граѓани над 75 години. Здравствените власти тврдат дека апсолутно нема контраиндикација за граѓани од која било возраст да се вакцинираат со оваа вакцина и порачуваат граѓаните да ги почитуваат мерките бидејќи, како што велат, ова е специфичен период.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.