Началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски оствари средба со командантот на Националната гарда (НГ) на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој ја предводи високата делегација од таа сојузната држава на САД. Генералот Најт е во неколкудневна официјална посета на Република Македонија, а во текот на вчерашниот ден присуствуваше на централната свеченост по повод Денот на Армијата.

Генералите Ѓурчиновски и Најт, за време на средбата разговарале за меѓусебната соработка во рамки на програмата за партнерство и соработка, која има свој придонес за нашето полноправно членство во НАТО. Помеѓу останатото се разговарало и за тековните активности на Армијата на Република Македонија, како и за понатамошните заеднички активности како дел од оваа соработка.

Од Генералштабот информираат дека на состанокот со дел од клучниот персонал била презентирана актуелната состојба со процесот на трансформација на Армијата и интеграцијата во НАТО, како и учествата во обуки и вежби како и понатамошните планирани активности.

Како резултат на одличната соработка, генералот Најт му додели медал за заслуги на генералот Ѓурчиновски во текот на вчерашната прослава на Денот на Армијата, додека по завршување на денешната средба на припадници од составот на Баталјонот на воена полиција додели признанија за покажаната висока професионалност во извршувањето на задачите.

Командантот на НГ на Вермонт во текот на денот ќе оствари средба и со претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, а во следните денови ќе ги посети и вториот пешадиски баталјон стациониран во касарната „Јане Сандански“ во Штип и Армискиот полигон „Криволак“.

Армијата на Република Македонија со НГ на Вермонт, во рамки на партнерската програма, во изминатите 26 години реализираа голем број на активности, на кои припадници на Армијата се обучуваа според стандардите на НАТО Алијансата.

Партнерската програма за соработка се реализира преку различни форми на обука, како што се семинари, конференции, посети на воени бази, школски центри и институции во САД, изведување на заеднички вежби и друго.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.