Колку здравствените работници во Македонија кои се во контакт со заболени од Ковид-19 се заштитени? На почетокот на пандемијата здравствените работници апелираа до министерот за здравство, Венко Филипче дека немаат соодветна опрема со која би работеле, дури беа приморани во несоодветни услови да работат по цена да се спаси човечки живот.

Според податоците на македонскиот Институт за јавно здравје, околу 900 здравствени работници се заболени од Ковид-19 од почетокот на епидемијата од кои седум починале. А, досега 877 здравствени работници се водат за оздравени.

Здравствени работници на респиратор

Преморен здравствен персонал, долги дежурства, тешки случаи, премногу пациенти. Бројот на заразени од Ковид-19 секојдневно расте, но и бројот на хоспитализирани лица на Клиниката за инфективни болести и градската болница „8-ми Септември“. Ако кривата продолжи да расте, здравствениот систем ќе колабира, предупредуваат лекарите. Здравствениот систем во Македонија брои заразени и во своите редови, со што се намалува капацитетот на медицинскиот персонал.

Дел од лекарите сметаат дека нема брзо решениe за наталожените проблеми во македонското здравство, особено во услови на пандемија бидејќи во секоја држава се планира обука на медицински кадар според потребите, а непланското работење сега се забележува во недостигот на инфектолози и лаборанти. Недостиг на здравствен кадар има во секој град од државата, има ротација на лекари но тоа не е долготрајно решение.

За пример, недостиг на лекари има во штипскиот ковид-центар, еден од инфектолозите од Штип е на боледување, а лекарката од Струмица си ја бара матичната болница, бидејќи таму деновиве бројките на заразени се загрижувачки. Во меѓувреме се чека на поставување на монтажната болница, која треба да има капацитет за 42 пациенти, според информации на телевизија Телма.

Опрема има ама за кого

Според информациите од медицинскиот персонал заштитни маски и скафандери добиваат само оние кои се во директен контакт со заболените, но не и останатите лекари во болниците и амбулантите.

Имаме најголем процент на заразен медицински персонал во регионот. Заразени се затоа што не се соодветно опремени, не се целосно обучени или немаат доволно информации. Недостасува опрема спрема препораките за различните нивоа на ризик. Недостасуваат информации и обука за соодветно користење на опремата. Многу често лекарите и медицинскиот персонал се оставени сами да се снабдуваат со заштитна опрема, истакна доктор Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ, на една од своите прес конференции.

Министерот за здравство Венко Филипче не една од своите прес-конференции соопшти на јавноста дека во справувањето со коронавирусот има заштитна опрема сосема доволно, а се користи соодветно, лекарите имаат искуство како се користи.

Има соодветна едукација и тие имаат искуство во користењето на таа опрема. Дел од вкупните резерви на министерството за здравство физички стојат на Клиниката за инфективни болест“, рече Филипче.

Тој додаде дека и согласно увидот што го направил Државниот санитарен и здравствен инспекторат, тој процес е целосно запазен согласно сите протоколи и критериуми и се одвива во најдобар ред.

И по укажувањето и уверувањето од страна на Филипче, сепак здравствените работници секојдневно апелираат за помош и опрема, бараат соодветна заштита. Во целата оваа ситуација здравствените работници се оставени сами да се снабдуваат со заштитна опрема. Бројката изнесува над 900 заболени лекари, медицински сестри и друг помошен персонал или по градови: Охрид, Велес, Кочани, Штип, Куманово, Дебар, Кавадарци, Битола, Прилеп, Демир Хисар, Гостивар, Тетово и Скопје. Најголем процент на заразен медицински персонал во регионот за жал Македонија бележи. А, заразени се затоа што не се соодветно опремени. Сето тоа е поради недостаток на опрема спрема препораките за различните нивоа на ризик. Исто така недостасуваат информации и обука за соодветно користење на опремата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.