Во пропагандна смисла, времето на Зоран Заев ќе биде запаметено по фактот што македонското национално прашање го врати сто години назад на штета на сопствениот народ, пишува во својата последна колумна новинарот и поранешен директор на „Нова Македонија“, Панде Колемишевски. Додава дека кога претходните генерации, кои ја извојуваа државата во Втората светска војна, беа убедени дека македонската државотворност и македонскиот национален идентитет се бетонирани за век на век, Заев преку договорите со Грција и со Бугарија ја отвори Пандорината кутија, од која не само што излегоа сите зла туку се изгуби и последната надеж.

Ако Никола Груевски е татко на антиквизацијата, Зоран Заев ќе биде запишан како татко на антимакедонизацијата. Не негирајќи ги заслугите за приемот во НАТО и за одржување на меѓунационалната стабилност, не прашувајќи за цена, во негово време, под негово водство Република Македонија го изгуби своето уставно име, ги избриша сите национални институции што го носеа атрибутот „македонски“, кои во еден ден, со еден клик, осамнаа обезименети. По осумдесет години мирен и потврден живот, дозволи да бидат доведени под сомнеж националниот идентитет на сопствениот етнос, неговата историска генеза, јазикот и писмото, и да ја повреди душата на својот народ. Договорите со Грција и со Бугарија, кои требаше да бидат гарант за стабилност и напредок, се превртија на глава: станаа фактори што го доведуваат во прашање опстанокот на државата, особено на Македонците во неа.
Заевата политичка пропаганда ги доведе Македонците денес меѓу себе да се делат на националисти, македонисти и интернационалисти и сите три категории да бидат спротиставени едни на други. Без да навлегуваме во празните теории што е што, да кажеме дека националисти биле оние што ја сакаат татковината, но на погрешен начин, македонисти се оние што ги бранат македонските интереси, но се различни од антимакедонските политики на Владата, а интернационалисти оние што не ги поднесуваат националистите и македонистите, а ги сакаат Европејците и Американците, силни владини подопашници, пишува тој.

Целата колумна на „Нова Македонија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.