Вработените во болницата во Гостивар кои се од муслиманска вероисповест ќе може да се молат и да ги изведуваат своите верски обичаи во посебни простории во болницата. Директорот Јакуп Јакупи вели дека иницијативата дошла од вработените и пациентите, а просториите биле опремени со донации од активисти.

Станува збор за неискористени простории на петти спрат во болницата и иницијативата е од активисти, граѓани, вработени и пациенти. Иницијативата не е од наша страна, ние не вложуваме ништо, имаше активисти кои го реновираа просторот и тоа ќе биде простор за молитви, каде што ќе можат и пациентите и вработените односно кој сака ќе може да оди, да се помоли и да се врати на работа, вели Јакупи за ТВ24.

На ова реагираше докторката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, која што прашува дали ова треба да е приоритет на болницата и дали сите останати потреби за лекување на пациентите и за персоналот се задоволени. Дополнително вели останува дилемата дали е оправдано за време на работа да се извршуваат верски ритуали.


Од Министерството за здравство пак велат дека Министерството дава единствено дозволи за вршење на здравствена дејност, а дека Општата болница Гостивар не се обратила до Министерството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.