Граѓаните знаат колку кафе или вода испиле премиерот и министрите, но знаат ли за тајните хонорарци и за фактурите што биле исплаќани преку авторската агенција „Артпицк“. Наодите до кои доаѓа БИРН покажале дека Владата со над 250 вработени во Генералниот секретаријат, дополнително лани во декември ангажирала 58 луѓе, кои за разлика од вработените што се наведени со име и презиме, Владата инсистира да останат анонимни.

БИРН пишува дека станува збор за хонорари, кои вкупно за декември 2020 година изнесуваат над 37 илјади евра. Во нив спаѓаат ангажмани како: пишувач на соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи…

Заштитувајќи ја „приватноста“, Владата под контото 425990 што се води како „други договорни услуги“  во декември 2020 исплатила 58 фактури. Потврда за тоа е што само за две години, односно од 2019 до 2020 година, преку ова конто се исплатени над еден милион евра.

Ангажираните лица го анализирале и го истражувале антикорупциското законодавство и политиките во државата, давале стручни советодавни консултации од областа на правото и во други области. Некои биле исплаќани и за компјутерска апликација за сервис, одржување и конфигурирање информатички системи за потребите на Генералниот секретаријат на Владата. За консултации и совети за надминување на кризата предизвикана од ковид-19, некој добил хонорар од 30.375 денари. На оваа листа е и претседателот на Советот за информациски и комуникациски технологии, кој добил 67.500 денари.

Во секторите за медиуми се вработени вкупно дваесетина. Но, тие не се доволно, па за „односи со јавност“, Владата во декември ангажирала уште 24 лица.

Ангажирањето хонорарни соработници се објаснува со „зголемен обем на работа“, поради „далеку поголемиот квантум на информации што се објавуваат на дневна база“. Затоа процениле дека се неопходни „повеќе и поспецифични човечки ресурси, кои ќе овозможат континуирано висок степен на транспарентност и достапност на информации“.

Но, таквата транспарентност ја снемува кога се поставува прашањето кои се тие што се грижат за „континуирано висок степен на достапност на информации“, коментира БИРН.


Извор и повеќе ТУКА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.