Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани ја презема обврската за обезбедување оператор кој во наредниот едногодишен период ќе ги заловува и третира бездомните кучиња на територијата на општината.
За оваа намена од сопствената сметка претпријатието ќе инвестира околу 550 илјади денари, што според проценките ќе бидат доволни за заловување и третман на седумдесетина животни. Во моментот тече рокот на јавниот повик за пријавување на лиценцираните оператори за извршување на соодветните шинтерски услуги.
Објавувањето на тендерската постапка е во согласност со законските обврски што ги има локалната самоуправа, а за што согласност даде и Советот на општината. Фирмата што ќе биде избрана како давател на шинтерските услуги има обврска да ги залови кучињата, да ги вакцинира и стерилизира, да обезбеди привремено чување во прифатилиште, а доколку е потребно можна е еутаназија. Исто така, вклучена е и обврската за микрочипување и времено маркирање, а по третирањето дел од кучињата треба да бидат вратени на местото на заловувањето – истакнаа од КЈП „Водовод“.
Според извештајот за реализираните шинтерски услуги во текот на минатата година, а што се разгледуваше и на седница на Советот на Општина Кочани, комуналното претпријатие „Водовод“ во соработка со комунален инспектор реализирало 12 акции, во кои се заловени 73 бездомни кучиња. За секоја акција е изготвен соодветен записник за затекнатата состојба на терен и за третманот што бил направен кај животните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.