Уредникот на „ПлусИнфо“ бранко Героски во својата последна колумна уште еднаш потенцираше дека август е месецот кога ќе дојде крај на неговото трпение. Ако истрагата не покаже напредок, тој јавно ќе проговори за сите соработници на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, кој е во притвор за мега-аферата „Рекет“.

„И тука морам повторно да им се навратам на моите измислени ликови, пак со напомена дека отфрлам било каква одговорност за себепрепознавања и препознавања. Се сеќавате на моите приказни за милионскиот рекетар Коки, за Кики и Фрики, за Лаки и за другите ликови што ги спомнав? Прво се исчудувавте, а откако пукнаа некои интересни афери во земјата, веќе ништо не ви беше така чудно, нели. За жал, премиерот Заев изјави дека не знае кои се Кики и Фрики, а тие не понесоа ни политичка одговорност, а ниту дадоа искази кај јавниот обвинител. Наместо тоа, премиерот мене ме упати да дадам исказ.

Добро, затоа во август, како што ветив, ако истрагата конечно не покаже вистински напредок, јас ќе давам „искази“ јавно, односно ќе продолжам со приказните и ќе ви кажам кој сѐ стои зад Коки и со кого соработувал. Секој што е паметен знае дека никој, па ни Коки, не може да е толку моќен да обезбеди заштита за сите лица со кои соработувал, ако тие и без него не се поврзани со државниот врв. Така, на пример, една од клучните личности во најблиската околина на Коки е една дама, за која се знае дека е јатрва на една наша многу моќна и позната политичарка. Тоа е само еден детал за она што треба да се открие и – ќе се открие“ – напиша Героски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.