Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ заедно со потпретседателот Александар Николоски и меѓународниот секретар, Тимчо Муцунски се сретнаа со делегација од Република Словенија, предводена од претседателот на Државниот збор Дејан Жидан.

На средбата разговаравме за европската перспектива на Македонија, законот за обвинителство, претстојните парламентарни избори и актуелните политички случувања во Република Македонија. Истакнав дека главна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ е членството во Европската Унија. Посочив дека клучен проблем со кој се соочува Република Македонија на патот кон ЕУ се криминалот и корупцијата кај високи државни и партиски функционери од СДСМ.

Потенцирав дека на државата и е потребен Закон за обвинителство кој ќе биде напишан од експерти, ќе ја приближи државата до Европската Унија и конечно ќе ја врати правдата во Македонија. Она што сега го нуди СДСМ како законско решение е само обид за амнестија на криминалите сторени изминатите три години, соопшти Мицкоски.

Според Мицкоски, новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде целосно фокусирана на реформите и приближување на државата до европските стандарди со цел да ја стави државата на брзата трака за членство во Унијата.

Се согласивме дека односите помеѓу двете држави се на одлично ниво, а словенечкиот и македонскиот народ се пријателски народи. Сепак постои простор за продлабочување на односите на економски и научен план, напиша Мицкоски на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.