Сите интерни клиники во склоп на Клинички центар се подготвени да примаат ковид пациенти и нема да запрат со нормалната работа, односно со интервенциите на дневна основа.
Министерот за здравство Венко Филипче имал средба со директорите на Клиниките – обезбедени се 150 болнички легла и кадарот е спремен да работи со ковид пациенти, но нема да изостане и тековната работа со третман на пациенти на дневна основа кои не се ковид, велат од Министерството за здравство.
Згрижувањето на ковид пациенти ќе биде под посебни протоколи, направена е поделба на црвени и зелени зони, односно оделени се деловите каде ќе се хоспитализираат ковид пациенти, од деловите за пациентите кои ќе имаат потреба од редовни прегледи или интервенции.
Институтот за белодробни заболувања веќе има ковид пациенти, а на располагање се ставаат и останатите интерни клиники. Клинички центар е во мобилизација и никој нема да остане без здравствена нега. Освен болнички кревети, кадарот е спремен да работи со ковид пациенти, веќе е направен системот на ротација на лекари и медицински пероснал, како и распоред за дежурства како би се покриле и тековните интервенции и амбулантни прегледи со пациентите кои имаат потреба од здравствена нега на некоја од Клиниките.
Пред два дена Клиниката за неврологија реагираше, велејќи дека не се подготовени за работа со ковид-пациенти.
Стручниот колегиум на состанокот зазема едногласен став дека клиниката не ги исполнува критериумите и условите за ковид центар поради тоа што тука се хоспитализираат пациенти со невролошки заболувања од целата земја кои добиваат адекватен специфичен третман кој не можат да го добијат во друга клиника/болница/установа. Доколку пациентите со невролошки болести (мозочен удар, епилепсија, епилептичен статус, мијастенија гравис, мултипла склероза, акутен полирадикулоневрит, трансферзален миелит, деменција, екстрапирамидни заболувања, болни синдроми) не се хоспитализираат, дијагностицираат и лекуваат на нашата клиника, многукратно се зголемува ризикот од морбидитет и морталитет од овие болести“, се вели во дописот до Филипче.
Дополнително околу 180 специјализанти од внатрешноста и Скопје се враќаат во матичните Клиники со што ќе се направи реорганизација на работата и ротации на персоналот за да може пациентите да ја добијат соодветната грижа, соопштија од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.