Вицепремиерот Љупчо Николовски предмалку соопшти дека е позитивен на коронавирусот. Неговиот позитивен тест доаѓа шест дена по одржувањето на вонредните локални избори во Штип, кои тој ги оцени како „безбедни по здравјето“, а за кои опозицијата постојано алармираше дека е ризично да се одржуваат во ова време.

Николовски беше дел од прес-конференцијата на која без маска, во затворена просторија, се обрати пред симпатизерите на СДСМ кои ја славеа победата на кандидатот д-р Сашко Николов. Ова славје продолжи и со симболично оро внатре во салата, на кое се фатија тој, премиерот Зоран Заев, министерот Благој Бочварски и Николов.

Славење имаше и на плоштадот во центарот на градот, каде за новиот градоначалник засвири и труба, а подоцна, функционерите на СДСМ продолжија со забавата во локален објект, каде спротивно на мерките, останаа до доцна во ноќта.

Јавноста остро реагираше што за нив не важат пропишаните здравствени мерки, а премиерот Зоран Заев рече дека нема да се самоказни затоа што тој не славел, вешто избегнувајќи да одговори за своите пулени.

Имајќи предвид дека за „обичните“ граѓани термин за тестирање едвај се наоѓа, а резултатите од нив се чекаат подолго отколку за „битните“ јавни личности како Николовски, ефектите врз и онака веќе големото штипско жариште се очекуваат за неколку дена.

Штипјани, пак, вчера со транспаренти го пречекаа министерот за здравство Венко Филипче, кој пристигна во тамошната болница да изврши увид во градбата на модуларниот објект.

Со парите од изборите можевте да го изградите клиничкиот центар, му порачаа тие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.