Додека владата на СДСМ и нејзините челници прогласуваат успешно справување и т.н. „победа” во борбата против пандемијата со Ковид-19, во здравствената установа Геријатрија – Скопје, имаме детектирано нов кластер и тоа токму помеѓу најранливата категорија на граѓани, рече на денешната прес-конференција д-р Синиша Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ,

Официјалните одговорни лица велат дека корона вирусот не познава граници кога е во прашање возраста. И да, во право се, а тоа веќе и се покажа на дело. Во здравствената установа Геријатрија – Скопје за неколку дена има околу 17 ново заболени. Од Специјализираната болница „13 Ноември“ во Скопје, позната уште и како Геријатрија – Скопје, во официјалното соопштение велат: „Веднаш е постапено согласно протоколите, за изолирање на болните од останатите пациенти и спроведување на епидемиолошка анкета на вработените за спречување на ширење на инфекцијата како и мерки за дезинфекција“.

Прашуваме зошто и како, ако веднаш е постапено според протоколите, имаме случај на интрахоспитална ширење на заразата и зошто бројката за неколку дена достигнува 17 лица заразени со корона вирусот?, прашува Стојаноски.

Стојаноски додаде дека ова не смее и во никој случај не може да се третира како обична вест и под никакви услови не смее да се оправда со тезата дека коронавирусот не познава граници кога станува збор за возраст.

Прашуваме дали воопшто е иницирана постапка за откривање на причините за овој нов кластер и дали некој ќе понесе одговорност за овој случај?

Колку за споредба, во соседна Србија, во првиот момент кога се дијагностицираа поголем број на заразени со корона вирусот во Геријатрискиот дом во Ниш, веднаш реагираше владиниот кризен штаб. Министерството за внатрешни работи го повика на одговорност директорот на институцијата поради основан сомнеж за тешко казнено дело против здравјето на луѓето, а во врска со неспречување на пренесување на високо заразна болест, рече Стојаноски додавајќи дека така реагираат институциите на системот кои што се функционални.

Не денес, не утре, додаде Стојаноски, туку уште вчера требаше да се поведе постапка за утврдување на причините на овој нов кластер и веќе да имаме резултати од истата.

Но, како што можете да посведочите, за жал, такво нешто не се случува.

Прашуваме дали надлежните и одговорните неколку дена се обидуваат да го релативизираат случајот? Проценете сами.

Со ваквиот начин на делување само се потврдува фактор дека победата прогласена врз корона вирусот е далеку од вистината, рече Стојаноски на денешната прес-конференција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.