Финска ќе воведе задолжителни тестови за корона вирус и карантин за патници од земји со висок ризик, откако 24 од 157 патници кои пристигнале во Финска од Скопје, биле позитивни на Ковид-19.

Како што информира министерката за семејни работи и социјални услуги, Криста Киуру, на аеродромот Турку во саботата било организирано случајно тестирање на сите патници кои пристигнале со летот од Скопје, откако властите утврдиле дека два авионски летови од Македонија и Романија, се главни извори на нови инфекции со корона вирус во Финска.

Задолжителниот двонеделен карантин и можниот случаен тест за корона вирус по пристигнувањето во Финска ќе бидат применливи за секој што ќе пристигне од земја со повеќе од 8 до 10 нови случаи на ковид-19 на 100.000 жители во последните 14 дена – соопштија властите.

Неисполнувањето на двонеделниот карантин ќе биде санкционирано со до три месеци затвор или парична казна.

Правилото важи за повеќе земји, со исклучок на 25 земји како што се Италија, Јапонија, Грција и Норвешка каде бројките на новозаразени остануваат ниски.

Минатата недела, новите инфекции со корона вирус во Финска биле околу 2,3 на 100,000 жители во текот на последните 7 дена, со вкупно 7.601 случаи и 333 смртни случаи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.