Академик Катица Ќулавкова со јавен апел да престане тргувањето со македонските национални интереси.

„Полувистините и полузнаењата ја доведоа Македонија и македонскиот народ во драматична ситуација која се заканува да биде трагична. Толкуваат идентитет на јазик политичари кои не прават разлика меѓу жива реч (наречја, дијалекти, говори) и јазик сфатен како систем (кодифициран и институционализиран стандард). Македонската жива реч е древна, автентична и доволно различна (низ севкупната историја) од соседните и др. словенски јазици, што никој нема апсолутно право да ја негира ретроактивно и во име на политичко-лукративни цели. Згора на тоа, токму врз живата и богата реч на Македонските Словени е направена севкупната црковнословенска кодификација на писмото (азбуката), а тоа е Глаголицата, што токму Македонците, потоа Босанците и Хрватите уште неколку века активно ја користеле во писмената административна, книжевна и црковна традиција, за разлика од Бугарите кои претпочитале да бидат прагматични и брзо се определиле за кирилицата.

Бугарскиот јазик, кој во својата протоисторија е несловенски и бугарскиот народ кој дури во 9 век се словенизирал јазично, во времето кога и се христијанизирал, е изграден токму врз древниот говор на Македонските Словени, па не може по ниедна логика славо-македонскиот јазик да потекнува од бугарскиот, ниту македонскиот народ од бугарскиот. Вистината е обратна. Суштината е што современата бугарска нација е мнозински составена од македонска емиграција и плус македонското домородно население од Пиринска Македонија и преселените од Егејска Македонија. Тие Македонци денес се асимилирани Бугари кои го сочувале својот сон за прататковината, а бугарската држава тоа го користи за остварување на своите хегемонистички цели. Тоа е трауматичната бугарска стигма и комплекс.

И што ќе добие Бугарија со тоа што ќе ги конвертира насилно Македонците преку фалсифицирани патни исправи или преку сомнителни договори и неморални изјави на македонски ефемерни политичари? Ништо добро, за жал. А сите би добиле ако престане ова растројство на актуелните политики со негација и самонегација на македонскиот идентитет. Само со нормални и добронамерни односи и заемна почит може да изградиме цивилизирани и просперитетни форми на развој и на евентуално поврзување. Секогаш кога Бугарија практикувала агресивен однос спрема Македонија, го губела и она што го имала. Амбиентот што го создаваат и двете страни е опасен и конфликтен, примитивен и патолошки. Имаат ли Македонија и Бугарија нормални, добронамерни, дипломатични и мудри лидери кои ќе го надминат овој длабок јаз на примитивност и агресивност? Двајца кога се караат, третиот ќари.

Јас ги почитувам сите Бугари, и „прото“ Бугарите, и мешаните Бугари, и асимилираните и бугаризирани Македонци и Тракијци, и сите оние кои се декларираат како Бугари. И не ѝ замерам на бугарската нација затоа што таа не е виновна што официјалните политики на нејзините државни институции се инфицирани со вирусот на нереалниот и штетен културен хегемонизам. Јас, всушност, ѝ замерам на македонската страна која сервилно и робовски, со синџири на нозете, без морал и без идеали, без визија и самоубиствено, им го подметнува грбот на македонската нација на оние структури на моќ, во Бугарија и ширум светот, да го бичуваат до бесвест. Тие не ѝ мислат добро на македонската држава, иако секојдневно се колнат дека тоа го прават за нејзино Добро. Од таквото нивно Добро не видовме ни трага, ни глас. Нѐ оддалечија од Доброто, нѐ доближија до бездната.

Поради тоа, принудена сум да апелирам, и лично, да престанат да прават непоправливи грешки, да не тргуваат со нашите национални интереси, да не го отуѓуваат неповратно она кое не им припаѓа ним лично, она кое е наследено духовно културно и национално богатство на сите Македонци во Македонија и во дијаспората“, порача Ќулавкова на Фејсбук.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.