Се соочуваме со обид за мистификација и спинување на горчливата вистина дека повторно македонската политичка елита преговара за македонскиот идентитет, најпрвин со Грција, сега со Бугарија, а индиректно со Обединетите нации и со Европска унија, ако се има предвид пошироката конфигурација на преговорите, нивните олеснувачи, поддржувачи и гаранти, вели академик Катица Ќулавкова за Плусинфо за најновите случувања во врска со преговорите со Бугарија и тврдењето на државниот врв дека Македонија не преговара и нема да преговара за етногенезата на македонската нација и за историјата на нашиот јазик.

Дваесет години се водеа разговори со Грција во рамки на ОН за името на државата Република Македонија, во 2008 година беше понудено решение Република Македонија (Скопје) во Букурешт, на Самитот на НАТО, без било какви импликации по идентитетот, за десет години подоцна да го добиеме Преспанскиот договор (Спогодба), чијашто главна премиса е редефинирањето на македонскиот идентитет и регулирање на авторските права на истиот, или експлицитно кажано, забраната на повикување на Македонците на македонскиот идентитет формиран низ историјата и легитимиран во личната карта на ОН.

Македонската политичка елита, вон од сите меѓународни стандарди, се откажа од сувереното право да гради македонска политичка нација со доминантна македонска и словенска етнонационална карактеристика. Поради тоа сега се соочуваме со процесот на деноминација на Македонците врз принципот на аналогија меѓу името на државата и името на нацијата, па почна систематска употреба на терминот (атрибутот, епитетот, придавката, она што нашите неуки и поткупливи политичари го минимизираа и потценуваа како вредност, не сфаќајќи дека со тоа ја потценуваат и ја ребрендираат суштината на националниот идентитет) Северномакедонци. Откажувајќи се од еден дел од историјата и од културното наследство, како и од уставното име на државата Република Македонија, нашата држава ѝ го отстапи македонското национално право на Грција, а македонскиот народ го сведе на недефинирана толпа единки, граѓани на Македонија.

Истото се случува и сега, со Бугарија. Не смееме да прифатиме било какви преговори за македонскиот историски и културен идентитет со Бугарија, а Бугарија со своите официјални документи на Владата и на Собранието, истите доставени и прифатени како основа за разговори и од ЕУ, токму тоа го поставуваат, УЛТИМАТИВНО, како услов за давање датум за почеток на преговорите за влез на Македонија во ЕУ. Нашите политички претставници го нудат со невидена леснотија она кое е темел на историјата, културната историја и историскиот континуитет на македонскиот народ и на македонската нација како залог за една апстракција, едно ветување кое нема никаква гаранција, а дури и да се случи станува обесмислено со самиот факт што не може да биде добро и цивилизирано да се откажете од себе, за да бидете во една заедница со субјекти кои не ве почитуваат ни вас, а ни кодексот на националниот и државен суверенитет според важечките меѓународни конвенции. Ние веќе не сме ни само брутален преседан, ние со ребрендирањето на идентитетот и откажувањето од културно-историскиот континуитет и идентитет се делегитимиравме како препознатлив национален субјект и сега сме на пат да се самоукинеме преку внатрешни поделби, силна македонска миграција ширум светот, како и со обновени и засилени асимилациски и хегемонистички стратегии на соседите.

Во мигот кога претседателот и премиерот на Република Македонија ќе се согласат на бугарските ултимативни и лицемерни барања кои спинуваат дека ни признаваат идентитет, ама оној вештачкиот од 1945 година, кога ќе прифатат дека целата словено-македонска културна историја е бугарска, ќе се отвори процес на присилна бугаризација на македонскиот идентитет – етнички, културен, историски, јазичен. Македонскиот јазик, кој е веќе претворен во меѓународните политички кругови во северномакедонски (таков не постои во ниту една научна класификација!), ќе се прогласи за дијалектна норма на бугарскиот јазик, така што во ЕУ ќе влеземе како екс Бугари со бугарски јазик … Се откажете ли од својата генеза и историја, сте се откажале од сувереното право да постоите. Македонците имаат словенска генеза и култура, и во никој случај не содржи пробугарски и бугарски елементи.

Така, македонската агонија нема крај. Бедна е, понижувачка, морбидна, трауматична. Грчкиот и бугарскиот културен хегемонизам од 19 век, кој секогаш во поттекстот имал територијални претензии, ќе се реализира во 21 век, со логистика на глобалниот неолиберализам и внатрешниот (квази) македонски колаборационизам. Македонската драма ќе биде пораз на цивилизираниот свет, всушност доказ дека западната цивилизација е во колапс. Затоа под итно треба да се донесе државен консензус за раскинување на сите нелегитимни и штетни спогодби и договори и да се почне одново мирен и цивилизиран процес на легитимација на македонската држава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.